Тензии во Грчка Преспа пред потпишувањето на договорот за името

Растат тензиите во Преспа на грчка територија откако вчера грчката полиција уапсила локален Македонец , грчки државјанин кој бил приведен во Герман, затоа што зборувал со новинар од Македонија на македонски јазик.



Скандалот што се случил во селото Нивици дополнително за вжешти ситуацијата откако дојде најава дека задутре таму ќе протестираат припадници на Златна Зора и други радикално неонацистички организации.

Пред апсењето грчкиот полициски службеник го опоменал грчкиот државјанин од Преспа да не зборува на македонски јазик и откако тој одбил бил приведен за нарушување на јавниот ред и мир.  

Ослободен е но локалното македонско население не знае дали ќе добие кривична или прекршочна пријава.

Пред десетина години во близина на Офчарани во Леринско дојде до судир меѓу локалното македонско население и грчката армија која спроведуваше воени вежби на нивите кои биле полни со земјоделски производи.

Педесетина лица тогаш беа приведени и добија кривични пријави.

Задутре на еден километар од Нивици во регионот кој се нарекува Долна Преспа премиерите Ципрас и Заев ќе го потпишат договорот за името.

Според сознанијата на expres.mk во Преспа веќе се распоредени специјални полициски единици за обезбедување на теренот на кој ќе се случи средбата.

Овој дел од грчката територија како граничен појас вообичаено е обезбедуван од грчката армија