Владината коалиција пред нов сериозен предизвик откако министерката за труд и социјала објави голема афера за неплатени 19 милиони евра придонеси за вториот пензиски фонд.
Министерката Мила Царовска најави дека деновиве до Обвинителството ќе ги поднесе сите документи против одговорните за аферата што е дочекано со негодување во Мала Речица.
Извори во ДУИ не негираат можна одговорност на нивни кадри но од партијата било побарано два пати да се провери фактичката состојба и аферата да не се отвара пред претседателските избори затоа што информациите на СДСМ биле стари неколку месеци и можело да се почека.
Во периодот во кој според Царовска биле направени законски неправилности тешки 19 милиони евра директори на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) беа кадри на ДУИ: Исни Јакупи, Амет Даути, Беким Незири и Шаип Зендели.
Дали тие имаат вина ќе се утврдува доколку Царовска ги преземе соодветните правни чекори.
Доколку Царовска преку обвинителството поднесе кривични пријави како што најави, во ДУИ може да дојде до тензии при што ќе се бара реципроцитет односно да се гонат неколку актуелни директори на СДСМ за кои постои сомневање за криминал и корупција.
Со најавата на Царовска кулминира состојбата во која во последниве десетина дена имаше неколку тензии меѓу СДСМ и ДУИ во врска со триумфализмот за Законот за јазиците и неговото испраќање до Венецијанската комисија против желбата на вицепремиерот Османи.




