Веста дека Македонија испраќа тенкови кои ќе им помогнат во битката за спасување на нивната татковина од руската агресија ги израдува Украинците.



Сите тамошни медиуми, дел од нив повикувајќи се на веста која ја објави „360 степени“, информираат дека македонската влада решила да и донира на Украина 30 тенкови Т-72 и дека тие веќе се транспортираат кон крајното одредиште.

На социјалните мрежи се изразува огромна благодарност до Македонија за помошта и се критикуваат западните земји, пред се Германија, бидејќи и покрај ветувањата за нејзина помош во вооружување, таа никако да стаса.

На твитер профилот на новинарот на „Киев Индепендент“, Илија Пономаренко кој прв ја соопштува информацијата за македонската донација, може да се забележат десетици позитивни коментари упатени кон Македонија.

Од македонското министерството за одбрана, за „360 степени“ потврдија дека земјава ги дава како донација на Украина тенковите од тенковскиот баталјон на Армијата кој е планирано да биде расформиран.