Текстилната индустрија во пад, намален бројот на нарачки – ќе си заминат ли и оние малку работници што останаа?!

Еден куп работодавачи изминатиот период ги прекршиле правата на работниците, главно оние во текстилната индустрија, ама државата само немо посматра и седи со скрстени раце, или пак ако делува, тоа е селективно, алармираат текстилните работници чии плати не се доволни за преживување, посебно во време на криза.



Паралелно, намален е бројот на работници, а има и проблеми со набавка на суровини по земјотресот во Турција, долготрајни последици од војната во Украина. На оваа цела низа на предизвици со коишто се соочува македонската текстилна индустрија, рецесијата во Германија и зададе нови, уште потешки главоболки. Во ваква ситуација се трошат залихите, а времето на нарачки се пролонгира.

  • – „Не можеме да кажеме дека нарачките се намалени, туку се забавени кај дел од фирмите. Зависи кога се направени нарачките, но како и да е се чувствува успорување. Нема на повдиок јасна слика што ќе се случува во септември, па ни останува да се надеваме дека ситуацијата  се должи на одморите. Нашите купувачи и трговијата работи на набавка на суровини  со трошење на залихите. Не знам како нашата ранлива текстилна индустрија ќе го издржи ова“, изјави за „Локално“, Маријана Перковска – претседател на текстилниот кластер.

Работите се усложуваат особено ако се има предвид дека дури 70% од нашите текстилни производи завршуваат на германскиот пазар, и тие се наменети за широка популација, односно најмногу за луѓе од средната класа.

  • – „На нивниот пазар се чувствува намалување на потрошувачката а тоа за нас значи намалени налози и помалку работа , ситуација што веќе  е актуелна. Во Германија се прави веднаш паника кога малку се менува животниот стндард, но се надеваме  дека брзо ќе се навикнат на промените и ќе продолжи процесот на трошење на производите кои ние ги произведуваме“, вели Перковска.

Оттука, единствената сламка за која се држи текстилниот сектор е оптимизмот дека оваа ситуација нема долго да трае, бидејќи последиците би биле катастрофални, особено ако се има предвид дека многу компании се затворија за време на пандемијата , па во оваа индустрија  неколкукратно е намален бројот на вработени.

На евентуалните последици од кризата во Германија предупредува и Ангел Димитров – управител на текстилната компанија „Мода“. Според него, стагнацијата ќе има влијание, но во моментов станува збор за техничка рецесија, а не за големи бројки. Оттука, таа, како што вели, сеуште не е драстична, па Димитров се надева дека така и ќе остане.

  • – „Ако трае подолго, сигурно ќе има влијание затоа што клучен е оптимизмот кај купувачите во Европа. Ако кризата потрае, кај нив ќе се намали желбата за купување и тоа автоматски ја намалува побарувачката. Сето тоа кај нас ќе значи дополнително скратување на капацитетите“, коментира Димитров.

Посочува дека први коишто ќе ја почувствуваат намалената побарувачка во Германија ќе бидат помалите компании кои практично се втора рака во процесот на производство, односно немаат директни контакти со одреден бренд. Такви се неколку компании кај нас кои имаат обезбедено работа само до крајот на овој месец поради што веќе бараат помош.

„Мода“ засега нема проблеми од овој тип  бидејќи работи за партнер кој е доминантрен сопственик на компанијата и кај него во моментов нема негативни предвидувања за пад на побарувачката. Во оваа насока Димитров посочува дека пандемијата и високата цена на гасот поради  војната со Украина, беа главните причини поради кои многу компании од преработувачката индустрија се иселиле од Германија бидејќи станале нерантабилни.

Проблем кој дополнително ја усложнува и онака тешката ситуација во текстилниот сектор е и драстичноти намалување на вработените , поради што оваа индустриска гранка сектор полека но сигурно го губи својот потенцијал.