Невладиното здружение „Гласен текстилец“ реагираше на најавата на газдите на текстилните фабрики кои ќе бараат 8,5 часовно работно време и работа за време на празници за да можеле да ја зголемат својата „конкурентност“ во регионот. Од текстилниот кластер се пожалија дека поради получасоввната пауза работниците не работеле полно осумчасовно работно време, а и дека Македонија има 22 празници.



„Овие барања се неозбилни и апсурдни. И сега работниците во текстилните фабрики работата повеќе од 40 часа неделно и во многу фабрики тоа не е евидентирано.

„Имаме пауза од вкупно триесет минути која ни е поделена на два дела. Но, на вратата од надвор ни ставија рајбер и таа е отворена само во времето кога е паузата, ако ,во меѓувреме, треба да се оди до тоалет, или имаш каква било потреба, нема излегување“, вели работничката која инсистираше на анонимност поради страв од губење на работното место за Радио Слободна Европа.

Што се однесува до работењето за време на празници, “и во моментов се работи и за време на државни празници“, велат од здружението. 

„ Наместо да молчат оти секоја сабота и секој празник е работен, а притоа не е евидентирана и платена таа работа, сега ова го бараат и со закон“, вели Кристина Ампева од невладината организација Гласен текстилец.

Реагираа и од ССМ. Од Синдикатот велат дека предлозите од кластерот се надвор од европските стандарди за унапредување на  работничките права.

„Наместо да бараат укинување на празниците, потребно е согласно законите и колективните договори да ја плаќаат прекувремената работа и работата во празник и ден на неделен одмор, права кои веќе се уредени согласно основните принципи на МОТ.

Работодавачите од Кластерот за текстил треба да размислуваат за зголемување на продуктивноста на трудот преку вложување во современи техники за производство, здрави и безбедни услови за работа, зголемување на платата и подобрување на работничките права“, истакнуваат од ССМ, се вели во дописот од ССМ.