Затворената иранска активистка Наргес Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир како признание за нејзината неуморна кампања за правата на жените и против смртната казна.
Таа го продолжи својот активизам и покрај бројните апсења од иранските власти и остана водечка светлина за националните протести предизвикани од смртта на Махса Амини минатата година.
Семејството на Мохамади го нарече „историски и длабок момент за иранската борба за слобода“, додека политичарите ширум светот ја пофалија Мохамади за покажаната храброст.
Но официјален ерхеран, одлуката на Нобеловиот комитет да ја додели овогодишната награда за мир на иранската активистка за човекови Наргес Мохамади ја оцени како политизација.
„Постапката на Нобеловиот комитет е политички потег во согласност со интервенционистичката и антииранската политика што ја спроведуваат некои европски влади.
Комитетот ја додели Нобеловата награда за мир на лице осудено за повеќекратно кршење на законот и извршување на криминални дејствија, и ние го осудуваме ова како пристрасна и политички мотивирана одлука“, изјави портпаролот на иранското МНР, Насер Канан.
Претходно, Одборот за наградата го повика Иран да ja ослободи Мохамади, една од водечките активистки за правата на жените и за укинување на смртната казна во Иран.
Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите, пренесуваат агенции.
Наградата, исто така, им оддава признание на стотиците илјади луѓе кои протестираа против дискриминацијата и угнетувањето на жените во Иран.
Мохамади во моментов отслужува повеќекратни казни во затворот Евин во Техеран со вкупна должина од 12 години затвор. Неколку пати беше осудувана поради кампањата против смртната казна, а неколку пати беше и затворена во самица.
Мохамади моментално отслужува казна од 10 години и 9 месеци под обвинение за дела против националната безбедност и пропаганда против државата, а беше осудена и на 154 удари со камшик, но оваа казна најверојатно до сега не е извршена. Нејзе и е забрането да ја напушта државата.
Таа е заменик-директорка на невладината организација Центар за заштита на човековите права, основана од Ширин Ебади, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2003 година.
Нобеловата награда за мир, вредна 11 милиони шведски круни (околу 950.000 евра), ќе биде врачена во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Нобел, кој ја основал наградата во 1895 година. МИА






