ТЕЦ Неготино нема да проработи ниту во јануари: Проблематична е набавката на мазут

Не се знае кога ќе проработи ТЕЦ Неготино, бидејќи сè уште не се обезбедени потребните количини мазут за нејзино стартување. Компаниите кои увезуваат мазут до вчера требаше да достават понуди на јавниот повик распишан од ЕСМ, но сè уште нема информација дали има понуди за обезбедување на бараните количини мазут. Со оглед на должината на траење на тендерските постапки, може да се очекува ТЕЦ Неготино да биде вклучена најрано во втората половина на јануари следната година, велат познавачи на состојбата.



Моментално на располагање на термоелектраната се 17.000 тони мазут кои се од државните резерви и се доволни за 2 недели работа, бидејќи дневно централата може да преработи 1.000 до 1800 тони мазут под услов да се активираат двата блока.

Од владата информираат дека по завршување на постапката за набавка на мазут ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство.

– Распишан е јавен оглас за набавка на мазут и се очекуваат понудите. По набавката и доставата на мазутот, и ТЕЦ Неготино ќе се вклучи во производство – одговорија кусо од Владата.

Од ЕСМ, пак, само информираа дека постапката за набавка на мазут не е завршена.

На тендер ЕСМ бара набавка на мазут за трите термоелектрани во земјава: Осломеј, Битола и Неготино, што дополнително ја усложнува набавката бидејќи и количините се големи.

Првиот човек на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ за телевизија 24 изјави дека комбинатот е редовно одржуван и веднаш штом се набави мазут може да почне со работа.

Експертите велат дека досега требало да биде обезбеден мазутот, со оглед дека неколку месеци се зборува дека термоелектраната ќе се активира од декември. Тие не веруваат дека ТЕЦ Неготино ќе проработи пред втората половина на јануари.

– Со оглед дека подолг период се најавува активирање нa ТЕЦ Неготино досега требаше да биде набавен мазутот, но сега може да се има тешкотии околу набавката бидејќи се бараат големи количини. Само за оваа термоелектрана дневно се потребни меѓу 1.000 и 1800 тони мазут ако работат двата блока. На пазарот сега има голема побарувачка и на овој енергенс, па тешко дека ќе се обезбедат во краток период. Ако се оди со редовна тендерска постапка, потребни се најмалку 45 дена, а тоа е период кој не ветува дека ТЕЦ Неготино ќе добие мазут во декември. Меѓутоа, ако се оди со брзи постапки во кои не се запазуваат процедурите тогаш може да се очекува мазут и порано – вели Спиро Мавровски поранешен директор за производство во РЕК Битола.

Тој не очекува стартување на ТЕЦ Неготино во декември, но вели втората половина на јануари би можело да се стартува, под услов да се обезбеди мазут.

-Ако сега не се обезбедат потребните количини во јануари, односно во периодот на пораст на енергетската криза и зголемена побарувачка на струја, многу тешко ќе се направи набавка. Таква е и набавката со јаглен за термоелктраните во Осломеј и Битола. Со оглед дека нема доволно информации околу овие набавки, тешко дека до централите доаѓа јагленот – додава Мавровски.

Професорот Антон Чаушевски вели дека за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино има добри технички можности иако се доцни со тендерот.

– За работа во текот на зимскиот период од околу 4 месеци како се планира, потребни би биле околу 100.000 илјади тони мазут. Истите би се набавувале континуирано преку железница од околу 1.000 тони на ден, што секако е транспортно изводливо и економски поприфатливо во споредба со набавка на потребните количини на јаглен за другите термоцентрали во Битола и Осломеј – вели Чаушевски.

Линк до целиот текст.