Миле Јовановски, татко на Боки 13, признава дека на 7 јануари 2017 го нападнал свештеникот Виктор Стојчев кој реагирал дека не може да влезе во сопствениот двор поради паркирано возило на Јовановски пред неговиот влез. Стојчев прво свирел со возилото, а потоа неговата сопруга отишла и заѕвонила на вратата на комшиите Јовановски. Тогаш Боки излегол и го поместил возилото, а почнала и караница меѓу него и попот.
„Според обвинението, „откако оштетениот се паркирал, Миле Јовановски излегол од дома и влегол во дворот на оштетениот, се доближил до возилото, ја отворил левата врата и со десната рака му удрил тупаница во лицето, па откако оштетениот излегол од возилото Јовановски продолжил да го удира со нозе и раце, оштетениот паднал на земја и Јовановски по него и продолжил да го удира“.
Откако обвинителката го прочита обвинението, судијката Александра Ристоска го повика Јовановски да каже дали ќе се брани, ќе го признае делото или ќе молчи.
„Имам многу големи сомневања кај мене дали сум виновен или не, затоа што господинот е тој што почна…“,рече Миле Јовасновски но по барањето на судијката тој изјави дека – го признава делото.
Адвокатката на Миле Јовановски побара да се земе предвид дека нејзиниот клиент нема кривично досие, невработен е, не е во добра здравствена состојба и побара поблага санкција.
Во случајот за сведок беше предложен и Боки 13, но, според Плусинфо, тој поради економичност на постапката не беше спроведен од затворот. Пресудата судот ќе ја соопшти в понеделник во 11 часот.





