Ташовски: „Амбасадорот на РМ треба итно да реагира кај Гутереш, за да не се загуби и македонскиот јазик во ОН“

„Сè почесто се слушаат термините ‘северномакедонци’ и ‘северномакедонски’ како ознака за народот и јазикот, што е резултат на променетото име, врз кое сега се гради еден нов франкештајновски идентитет. Соседите сакаат да го присвојат изворниот македонски идентитет. Во таа насока може да се протолкува токму интерната препорака во Секретаријатот на Обединетите нации, во која на службите им било препорачано да го користат терминот „јазикот на РСМ“, наместо ‘македонски јазик’.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „ Некој во ОН провоцира, ама некој треба и да алармира “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Интерната препорака за употреба на терминот ‘јазикот на РСМ’ меѓу службите во ООН како повод“

Таневски пишува: „Откако беше реализирана промената на името на нашата држава со додавањето географска одредница, не запираат активности однадвор, во одредени држави и во меѓународни институции, во кои се забележуваат индикатори што упатуваат на уште посилна агресија кон нас, во насока на наша национална деноминација, почнувајќи од името на нашиот народ, со некакви кованици, па сè до (пре)именувањето на нашиот македонски јазик. Во овој проект активно учествуваат центрите на моќ од нашето соседство, чија намера е да се избришат македонскиот народ и сите негови обележја, но уште пофатално е што во ваквото сценарио влегуваат и одредени меѓународни институции.“



„На официјалната веб-страница на ОН, јазикот и натаму стои како ‘македонски’, но извори за ‘Нова Македонија’ велат дека од почетокот на годината веќе се применува ваквата практика, со тоа што промената нема да се случи прекуноќ, туку најпрво се оди со препорака за да се „одомаќини“ употребата на терминот ‘јазикот на РСМ’ меѓу службите во ОН, по што по извесно време би следувала и официјализација на оваа практика.“

„ОН и во минатото правеа слични провокации и лансираа пробни балони за да го напипаат пулсот на јавноста во земјава, па пред нешто повеќе од десетина години, ‘ненамерно’ го избришаа зборот ‘македонски’ пред официјалниот јазик на државата Променета беше и националноста: наместо ‘македонска’, се појави терминот ‘граѓани на ПЈРМ’. Овој експеримент на ОН воопшто не бил „грешка“ како што објаснуваа тогаш службите во светската организација, туку ‘пилот-проект’, што токму сега се реализира според истото претходно зацртано сценарио.“

„Амбасадорите и дипломатите со кои се консултираше весникот, посочуваат дека државата треба да ги преземе навреме сите мерки, за да не ни се случи да го загубиме и македонскиот јазик во ОН. ‘Ако постои таква интерна препорака, тогаш треба веднаш да се реагира. Ако се потврди информацијата, амбасадорот при постојаната мисија на Македонија во ОН треба директно да се јави до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и да му укаже за оваа недоследност. Интерните препораки ги даваат некои помошници внатре во организацијата и тие работи не се исклучени, но затоа нашиот амбасадор итно мора да реагира и да ги преземе сите процедури, што му стојат на располагање.’ – вели Слободан Ташовски, амбасадор, кој своевремено беше на челната функција при постојаната мисија на земјава во ОН.

„Тргајќи од основните начини на функционирањето на меѓународното право, поранешниот македонски амбасадор во НАТО Зоран Дабиќ тврди дека секаква промена, па макар и за интерна употреба, треба да е со наша согласност, а не да се одвива тајно. ‘Македонија е членка на ОН и не смее да се случи употреба на некакво име за интерна употреба без наша консултација и согласност. Секое нереагирање, односно непостапување, (на амбасадорот, со нота) значи дека ние молкум се согласуваме.’ – нагласува Дабиќ.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/nekoj-vo-on-provocira-ama-nekoj-treba-i-da-alarmira/