Оставките се логична последица на случувањата од минатата недела, кога се случи упад и физички напад во Контролата на летање, што резултираше со кривична постапка против неколку лица.



„Се надеваме дека сето ова што се случи ќе резултира со разрешување на директорите во М-НАВ. Во спротивно покажуваат дека и во Владата не им е битно ништо освен фотелјите“, вели претседателот на Синидикатот на Македонски навигации Александар Тасевски за Дојче веле.

Тој вели утре е денот „Д“ за М-НАВ – или ќе бидат разрешени директорите, или Контролата на летање ќе го затвори воздушниот простор над Скопје.

По упадот на 8 лица во М-НАВ минатата недела, премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на следната седница на владата во вторник ќе побара целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени.

Тасевски е дециден дека имаат поддршка и зад ваквиот став стојат сите вработени. Нивните услови се или директорите на М-НАВ самите да се повлечат, или Владата да ги разреши на седница која треба да се одржи утре, 9 јануари.

Тасевски смета дека со оставките на директорите ќе се прати јасна порака дека вака повеќе не може, а на синдикатите им останува обврската да ги притискаат новите директори коишто ќе бидат назначени – да го разрешат целиот криминал којшто бил направен досега.

„Ако успееме во тоа – тогаш овој чекор ќе биде поука за секој оној којшто ќе дојде на челото на М-НАВ“, вели Тасевски за Дојче веле.

По упадот во М-НАВ  фиусичко насилство врз тројца контролори на лет, Обвинителството отвори истражна постапка против осум лица.

Тие се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај, за кое е предвидена затворска казна од најмалку 5 години.