Актерот Сашо Тасевски преку својот профил на Фејсбук јавно им се обрати на бугарските „агентурни мрежи“.
„На бугарските агентурни мрежи им е многу важно да ме претстават како бугаромрзец и примитивец.
Дечки, еве да ви кажам. Барем 30 пати до сега сум бил кај вас на гости. Провокации од поединци секогаш имало, но генерално сум поминувал убаво, од Варна до Ахтопол. Сум гостувал со претстави во Софија, Стара Загора, Пловдив, Бургас, Сливен. Сум бил фален за глумата во ваши весници. Една ваша сограѓанка, дури клекна и ми го бакна стапалото по претставата Филоктет во Стара Загора, одушевена од глумата. Имате одличен театар, уметност. Јас не можам да ве мразам или било кој друг.
Не сум воспитан така.
Но, ако мислите дека сите во Македонија сме како тие со кои тргнувате од СДС(М), се лажете. Повеќето не сме ко нив. Си го браниме националното, јазикот и културата како посебни. Македонски.
Врвот на примитивизмот е во оние меѓу вас, кои најбезобразно ме негираат како Македонец кој зборува македонски јазик.
Внимавајте, јас на тој јазик глумам и пишувам книги. И тој галиба е различен од бугарскиот. Зашто вие кога зборувате во голем дел не ве разбирам.
Од каде го присвоивте правото да ме нарекувате Бугарин. Не сум тоа и никогаш не сум се чувствувал така. Никогаш.
Ако делите европски вредности, нема да си дозволите да ми го одземате правото на самоопределување. Очигледно со тие вредности сте скарани.
Па уште ни се заканувате со окупација. Во 21 век еј. Башка со ветото за влез во ЕУ.
Сфатете, со тој однос, правите од нас Македонците само непријатели, оти ние никогаш не сме ве оспориле како народ. Имајте усул.
Еве, бидејќи љубите да скриншотирате мои статуси на ФБ, копирајте го и овој и раширете го, а не подмолно да ширите лаги за мене. Да ги спинувате моите објави овде. Со говор на омраза да ме држите некому на нишан. Толку сум ви проблем? Па јас сум само глумец и писател. Ајде споделете ја по вашите портали и оваа објава. Колку да можат нормалните Бугари да ја чујат и втората страна. Мене.
Ајт здраво“, порача Тасевски.






