Тасева: Не е работа на Рашковски да разговара за тендер

Претседателката на „Транспаренси Интернешнал“, Слаѓана Тасева вели дека носителите на јавни функции треба да бидат настрана од постапките за јавни набавки и, всушност, тие треба да интервенираат само како надзор, доколку биде прекршена одредена постапка во процедурата.
Повод се „бомбите“ според кои генералниот секретар на Владата Драги Рашковски бил вклучен во разговор за тендер за набавка на опрема за МНАВ тежок 7 милиони евра.



„Формално, во постапките за какви било јавни набавки, по функција не е вклучен генералниот секретар на Владата. Каков било изговор зошто се вмешал и зошто е разговарано на оваа тема не е издржан.

Ова не е работа на генсекот и тој треба да објасни зошто се нашол во ситуација воопшто за тоа да разговара“, вели Тасева.

Според неа, евентуалната вклученост на генералниот секретар во таа постапка може да се оправда само доколку се работи за информативен разговор.

„Ако тоа било чисто информативен разговор и затоа добил задача да информира, тоа веројатно спаѓа во надлежностите на тој што му дал такви задачи, но сепак, тој треба на јавноста да и објасни зошто се нашол во ситуација да зборува за таа работа“, вели Тасева.

Извор: Радио Слободна Европа