Тасев за „Скопско ехо“: Ништо од владините планови ,,издувани” од скапите провладини труби

Во колумна за „Скопско ехо“ Никола Тасев анализира што направи владата за да го спречи хаосот со енергенсите и генерално што се случува со владините планови кои помпезно се најавуваат без да бидат реализирани соодветно:



,,Граѓаните побудно ја дочекаа кризата од Владата. Беа на штрек, купуваа – штедеа, правеа планови како да го намалат ценовниот удар, како да обезбедат за децата помирно утре. А што правеше Владата? Ги наполни ли стоковите резерви со продукти по „стара цена”, купи ли поевтина нафта? Воведоа ли пресретнувачки мерки пред да скокнат цените до небо?

Да, и Владата правеше планови. Во многу соопштенија тоа ни го потврдија. Ама каде се плановите во дело? „Планерите” во власта до сега не успеаја да предвидат, ниту да превенираат ниту една криза. А сите компании, организации, семејства… прават планови, работат, се борат за да најдат начин како да ја пресретнат кризата – да „преживеат”? Нормално е и државите да планираат.

И македонската влада многу сака да планира. Ја бива за тоа. Ама многу сака и да се фали за своите планови. И за тоа ја бива. Но, често не ја бива да ги погоди плановите или барем навремено да изреагира. Еве на пример за горивото: синоќа немаше да има толку голем шок, ако Владата два – три дена претходно ги намалеше акцизите. Излегува дека за власта е важно буџетот да е полн, а граѓаните и бизнисот нека се снаоѓаат со кризата како знаат и умеат.

А други вакви примери – колку сакаш: Се сеќавам барем на неколку покрупни планови, досега најавени со фанфари на прес конференции и скапи презентации, а дообјаснети од медиумските провладини труби, како историски и клучни за излез од криза и за развојот на државата. Но, откако планот ќе се промовира, веќе следниот месец се заборава во некоја фиока и се поклопува со некој нов план – уште поважен и уште поисториски од претходниот. И сите планови се акциони. Планови и премногу, а акција премалку!”, пишува Тасев во колумната која целосно може да ја прочитате на овој ЛИНК.