Тасев: Нерегуларниот попис-македонски отпис е катастрофален за Македонија

„Во држава каде што многу работи се нерегуларни, зарем се очекуваше пописот да биде регуларен? Многу работи се погрешни во држава, која ја водат недосозреани, пропагандисти. Пописот е уште еден доказ дека во државата нешто мора итно да се менува. Државата заринкува се подлабоко, а населението исчезнува.“ – вели Никола Тасев во својата колумна со наслов „Зошто СДСМ и ДУИ бегаат од темата ‘иселување на населението’?“, која ја објави весникот „Скопско ехо“.

Тасев пишува: „Пописот се одржа насила, избрзано, во услови на корона пандемија, со одлагања и бојкоти, со многу политика и нестандарди статистички процедури. Иако надлежните, кои го спроведуваа пописот, уверуваат дека можните нерегуларности се сведени на минимум, а велеа и дека има многу мал бојкот, сега други ги посочуваат како виновни. Голем дел од граѓаните укажуваат на злоупотреби и рачно ‘штимање’ на бројките, за да се задоволат партиски апетити.“

„Единствените задоволни од пописот се СДСМ и ДУИ. За СДСМ беше битно да покажат државотворност, макар и на штета на Македонците, способност за спроведување на оваа операција. На ДУИ им беше важно да покажат дека расте процентот на Албанците. Но ниту едните, ниту другите не најдоа потреба на македонските граѓани да им ја објаснат главната порака од пописот – населението драстично се намалува, Македонија исчезнува.“

„Државата изгубила преку 150 илјади граѓани, кои веќе не се наши соседи, не творат во нашите компании. Нивните деца се раѓаат некаде во туѓина и учат на туѓ мајчин јазик. СДСМ и ДУИ не се огласија со анализа зошто македонскиот попис е, всушност, македонски отпис!? Што презедоа да не се случи ова? Што ќе преземат да се запре овој драматичен тренд на иселување и намалување на населението? Всушност и не очекувам од нив тоа да го направат. Тие не се заинтересирани, ниту се способни за тоа! Битно им е дека си ја завршија работата – пописот за нив е повеќе од успешен! Но за Македонија е катастрофален! Речиси секоја општина со мнозинско македонско население изгубило 10-20% од жителите.“

„Кој беше ефектот од бројните, само на хартија, мерки за запирање на иселувањето, програми за млади, помош за компании и субвенции за самовработување, со кои се фалеше СДСМ во изминативе пет години? Голема нула! Кој е и ефектот од владеењето на ДУИ во изминативе 20 години ако се погледнат и бројките на албанското население во Македонија? И тоа се намалува! Па нели ДУИ беше заштитник на Албанците, нели затоа се во власта! Зошто и Албанците од Македонија се иселуваат?“

„Но, неисе, пописот помина. Сега да видиме дали навистина богатите инвеститори ќе дојдат со торби со пари и конечно ќе ни тргне економијата. Нели тоа беше главната причина за брзањето? Како што не убедуваше поранешниот премиер Заев: ивеститорите сакале да видат во која општина колку луѓе живеат за да донесат одлука за инвестирање. „Еве сега ги имаме бројките и нека повелат Гугл, Фејсбук, Амазон и другите компании. Македонија ги чека. Ги чекавме и кога не убедуваа дека кога ќе се смени името и ќе влеземе во НАТО – веднаш ќе дојдат. Ама не дојдоа. Или имаа погрешна мапа, па наместо кај нас завршија во Бугарија, Албанија и Србија.“ – заклучува Тасев во својата колумна.