По вчерашната изјава на Зијадин Села дека Централното собрание го „разрешило“ Арбен Таравари од функцијата претседател на партијата, но дека конечна одлука ќе донесе Конгресот на АА закажан за 18 февруари, со објава на Фејсбук реагираше се’ уште актуелниот претседател
„Пропаднаа обидите на ДУИ и на сценаристот Груби да не дефокусираат кој е „чија партија“. Од денес повеќе не се занимавам со оваа работа.
Секој што има поплаки нека се обрати до Судот.
8 мај е секој ден се поблиску!“ напиша Таравари.
Тој беше разрешен со 106 гласа „за“ од 108-те присутни на Централното собрание.
По завршувањето на настанот во Скопје, Таравари во Гостивар беше дел од собир на симатизери и членови на Алијанса за Албанците кои го поддржуваат него.
„Главната порака е дека промените мора да дојдат во албанскиот блок после 24 години. Ние како партија, никој друг како Алијанса за Албанците нема заслуга да ја направи таа промена бидејќи најголем дел од нашето постоење сме опозиција и на 8 мај сигурно промената ќе се случи и нема кој ќе може да ја запре таа промена“, порача Таравари синоќа.
Расколот во Алијанса кулминираше откако претседателот на партијата Таравари одлучи јавно да објави дека се залага за обединување со албанската опозиција. Притоа, побара поддршка од партиските структури за соработка со веќе обединетите Беса, Алтернатива и ДД на Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.
На ова се спротивставува Зијадин Села кој е на ставот дека Алијанса треба да има самостоен настап на претстојните избори.






