Таравари: Во Владата ќе се случи експлозија откако и на 15.декември ќе нема датум за преговори

Генералниот секретар на опозициската Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари во дебатната емисија на албански јазик на ТВ Шења искажа став дека во „Владата ќе се случи експлозија, откако најверојатно нема да биде добиен датум за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ ниту на 15 декември 2021 година“.



На својот веб – портал ТВ Шења ги објави најважните акценти од искажувањата на Таравари во оваа емисија: „Тој не верува дека на 15.декември ќе биде добиен датум за отпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија: „Ниту на 15.декември нема да се случи тоа, со најголема веројатност. Некому му е потребен изговор за она што е продадено, или купено, или кое е самоизолирано, или засолнето. Има многу незадоволство во Владата. Ќе помине 15.декември, 99 проценти нема да се добие датум и ќе ја видите експлозијата во Владата.“

„Во емисијата на ТВ Шења Таравари посочи дека на денот кога требаше да се гласа за предлогот за недоверба за Владата на некои од пратениците им беа земени телефоните: ‘Сите беа сместени на едно место, без право некои дури и телефоните да ги користат. Ова е вистината. Ова го знае и меѓународниот фактор. Во еден хотел беа изолирани и држени како заложници. Беа држени под контрола и под непрекинат надѕор.“

„Говорејќи за иницијативата за уривање на Владата, Арбен Таравари рече дека таа започнала со 63 пратеници: ‘Премиерот беше во оставка. Тенденцијата на опозициските партии е да ја урнат оваа власт. Партиите на власт ни се претставија дека имаат незадоволство и оти ќе ни се придружат откако ќе падне оваа Влада. ДУИ ја сопре оваа тенденција.“

„Таравари изнесе што имал кажано Кастриот Реџепи на 25.октомври, по првиот круг на локалните избори: „Во свој пост тој рече дека еден ден, час поскоро треба да се формира мнозинство без ДУИ. Кога се потпиша на предлогот за изгласување недоверба на Владата тој немаше никаков сомнеж во тој предлог за гласање за Владата: ‘Кастриот Реџепи беше еден од иницијаторите кој бараше тоа да се стори час поскоро. Му даваме на Кастриот уште една шанса до 15.декември, нека каже дека ќе гласа за недоверба, ако не добиеме датум за преговори со ЕУ. Гледам дека и Алтернатива декларативно вели оти и да влезе во Владата, кога ќе имаат 61 пратеник, ќе бидат тука да гласаат за недоверба кон Владата.“ – нагласи Арбен Таравари, настапувајќи во дебатната емисија на ТВ Шења.