„Нападот во контролната кула на скопскиот аеродром е скандалозен инцидент од меѓународни размери.“ – реагираше вечерва лидерот на владината Алијанса за Албанците Арбен Таравари во објавата на својот фејсбук-профил.
Со оваа остра и директна реакција Алијансата за Албанците се крена против нејзиниот сегашен коалициски партнер Демократската унија за интеграција и кон предизвикувачот на инцидентот во М НАВ Беким Незири, шеф на еден од нивните најважни партиски ограноци – чаирскиот.
На фејсбук Таравари натаму нагласува: Овој чин ги загрози меѓународниот воздушен сообраќај и животите на стотици или илјадници патници, кои можеа да настрадаат како последица на овој инцидент. Ја поздравувам реакцијата на обвинителството и барањето за притвор на осомничените.
Очекуваме правдата да донесе правична и заслужена пресуда, со цел ваквите дела да добијат соодветна казна и никогаш да не се повторат. Истовремено бараме од надлежните органи да го зголемат степенот на безбедност во овие објекти и институции, но и да истражат како успеале неовластени напаѓачи да влезат во контролната кула.





