Алијанса за Албанците воопшто не добила предлог да ги земе министерските места за правда и здравство, изјави денеска претседателот на партијата Арбен Таравари, кој беше избран на оваа функција лани во декември.
Таравари кој завчера беше на средба со американската амбасадорка Агелер тврди дека никој не може да ја натера Алијансата да носи одлуки.
Новото раководство на партијата, кое се бира денеска, ќе одлучува дали партијата ќе влезе во Влада или ќе продолжи како опозиција,
Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали има конкретен предлог од премиерот Димитар Ковачевски, за влез во Владата, Таравари е дециден дека – нема. Според него, никаков фактор, ниту меѓународен, ниту домашен не може да се меша во Алијанса за Албанците, но најави дека ќе продолжи комуникацијата.
„Уште еднаш оти имаше обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ да им кажам кој политички фактор или која странска амбасада се вмеша Алијанса да биде во Владата, јавно им кажувам нема право никој да се меша во Алијанса за Албанците, ниту меѓународен фактор, ниту внатрешен фактор, ниту надворешен фактор. Меѓутоа, ние сме имале комуникација со нив и ни е кажано дека европската агенда треба по секоја цена да се протурка, дека не треба да се брза со избори, дека и ние сме кажале дека и ако сме опозиција и ако сме во Влада ќе ги изгласаме уставните промени“, изјави Таравари.






