„Не ме интересира нималку кој ќе победи во македонскиот политички табор на изборите, за нас е важна само промената на Уставот.“ – кажа лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, откако беше прашан: Што ако победи ВМРО ДПМНЕ на изборите во 2024 година? Дали Алијансата за Албанците ќе учествува во преговори со ВМРО ДПМНЕ во случај таа како партија да победи на изборите? Таравари
Настапувајќи во емисијата „Клан дебата“ на ТВ Клан Македонија, во одговорот на претходните две прашања Таравари уште нагласи: За нас е важен само еден услов да преговараме со победникот во македонскиот табор: дали ќе ветат дека ќе го сменат Уставот? Ако не го сменат Уставот, нема да преговараме за оформување на Владата и ќе си останеме во опозиција. Но јас се сомневам дека ВМРО ДПМНЕ е подготвена како партија да го промени Уставот, имајќи предвид дека во јуни 2024 година ќе се одржат изборите за Европскиот парламент, а јасно се гледа дека е во пораст европската десница, што се противи на проширувањето на Европската Унија. Потоа следат и американските претседателски избори. Така што, идеален период да се промени Уставот на Македонија е некаде до мај 2024 година, а потоа ќе настапи вакуум и за оваа тема нема ниту да се зборува.“
Пренесувајќи ги ставовите на Арбен Таравари, ТВ Клан Македонија натаму пишува: Според него, Алијансата за Албанците нема да избрзува со преиспитувањето на своето учество во Владата. Но, ако се реши да остане во власта, тогаш ќе треба и на изборите да настапува во коалиција со досегашните партнери во власта.
„Ако останеме во Владата, тогаш е парадоксално да не одиме со Европскиот фронт на изборите. Но, ако излеземе од Владата, ќе ги испитаме преостанатите опции.“ – кажа Таравари.
Лидерот на АА Таравари посочи дека можното обединување на неговата партија со албанската опозиција би ја одвело ДУИ во опозиција. Но за ова, додава тој, ќе одлучат партиските органи. „Албанците сакаат ДУИ да биде во опозиција. Ако ги анализирате изборите од 2011 до 2020 година, ќе се види дека Албанците постојано гласале ДУИ да биде во опозиција. Исто така и сега покажуваат анкетите: ако АА ѝ се придружи на албанската опозиција, тогаш е веројатно, да не кажам и стопроцентно сигурно дека ДУИ ќе замине во опозиција.“
Таравари беше запрашан зошто тогаш се сретнал пред неколку дена со лидерот на ДУИ Али Ахмети. „Тоа не беше наша прва средба, туку досега сме имале најмалку три средби. АА е антипод (спротивност) на ДУИ. Не би била добра заедничка коалиција на сите владини партии, вклучувајќи ја тука и СДСМ. Ако АА би решила оди на избори со албанската опозиција, тогаш шансите за победа би биле големи. Но, ако АА коалицира со ДУИ, тогаш опозицијата ќе има мали шанси да победи. Ако АА оди сама на избори, тогаш нема да има шанса да биде победена ДУИ.“ – нагласи Таравари.





