„ДОБРОСОСЕДСТВО“ НА БУГАРСКИ НАЧИН
„По неодамнешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија уследи нова канонада од навредливи изјави кон Македонија, дадени од бугарски политичари од највисоко ниво. Во период кога треба да се шират добрососедство и пријателство, некои од бугарските политичари повторно шират горчина и анимозитет кон Македонија, омраза, непријателство. Притоа постојано ја употребуваат и тактиката на извртување на тезите, посочувајќи дека Македонија, наводно, шири говор на омраза кон Бугарија.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Канонада од навреди и омраза кон Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува. „Најновата провокативна и навредлива изјава дојде од поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, кој изјави дека Македонија е продолжена рака на српските и руските служби. ‘Службите на РСМ и до ден-денес се филијала на српските, кои се филијала на руските. Ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ.’ – изјави Плевнелиев, алудирајќи на бугарската теза дека Македонците се конструкт на Тито и Коминтерната и оти како такви ним не им е местото во ЕУ, ако не го прифатат својот ‘бугарски’ корен.“
„Уште порадикален настап имаше Красимир Каракачанов, кој македонскиот народ го оквалификува како глупав. ‘Тие страдаат од својата глупавост.’ – изјави Каракачанов, коментирајќи го одбивањето на македонската страна да ги прифати ултимативните бугарски барања. Слични изјави со доза на навреда, иронија и потценување имаше и од поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, од актуелниот претседател Радев, европратеникот Ковачев, но и од лидерот на ИТН Слави Трифонов, коалициски партнер во новата влада на Петков.“
„Со извртување на тезите бугарската страна се обидува говорот на омраза и омаловажување, што се шири од нив, да го прикаже како реакција на наводниот говор на омраза од македонска страна, кој досега не е регистриран од ниту една меѓународна релевантна организација. Токму Бугарија се најде во извештаите на истите институции како земја што шири говор на омраза, дискриминира и ускратува малцински права. Нејасно е зошто на ваквата канонада од навреди од Бугарија нема остра реакција од институциите во државата, пред сè од македонското министерство за надворешни работи, кое со расположливите дипломатски средства треба јасно да стави до знаење дека каков било говор на омраза и навреди од политичарите во Бугарија не придонесува за подобрување на меѓусебните односи.“
„Нашето нереагирање уште повеќе ги засилува ваквите провокации од бугарските политичари. Вообичаена дипломатска практика во светот и кај соседните земји е да се реагира и укаже на секој обид за омаловажување или навреда на државата и нејзините граѓани. Бугарија и Грција реагираа со протестни ноти и за најбанални работи, како на пример, истакнување на поранешното знаме од Вергина (Кутлеш) на приватни настани, изнесени ставови на социјални мрежи, ознака на дрес на некој македонски клуб и т.н.“
„Поранешниот дипломат Драган Јањатов вели дека надлежните државни институции не треба да премолчуваат, со образложение дека не сакаат да ги нарушуваат наводните добри односи со Бугарија. ‘Цела Европа ја осудува Бугарија за тоа што го прави со малцинствата, а ние мижеме на едно око и не реагираме на ништо. Токму МНР треба да се огласи јасно што бара Македонија од Бугарија. Како што ја признаа државата, така треба да ги признаат народот и јазикот. Бугарија треба да даде изјава дека нема територијални претензии кон Македонија. Тоа би било многу поисправно, отколку нашата нота до ОН дека ние немаме територијални претензии кон нив. Тоа се глупости. Така треба да се реагира, а не да се молчи на секојдневните навреди од бугарска страна.“
„Од македонското МНР досега не добивме одговор на прашањето дали ги следат ваквите бугарски изјави со ширење говор на омраза и дали и кога е реагирано досега во согласност со дипломатските практики.“ – пишува Таневски во својата анализа.





