Таневски: „Споменикот во Слупчане е закана за меѓуетничките односи – има алтернативи за блокирани ЕУ-интеграции“

„Македонија во периодот што следува ќе биде исправена пред голем број предизвици, за кои ќе мора да изнајде решенија, ако сака да покаже дека има државотворен капацитет. Во спротивно ќе се соочи со процеси, што дополнително ќе ја зголемат апатијата во македонското општество и ќе влечат надолу. Би било мудро, во интерес на сите граѓани и државата, власта и опозицијата да подготват заедничка стратегија, државата да има колку е можно помала штета, а граѓаните да не ја плаќаат цената за непревенираните состојби.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Општествено опкружување што носи тешко искушениe“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Македонија во наредниов период ќе се соочи со голем број сложени предизвици“

Таневски пишува: „Сигналите од сите страни покажуваат дека Македонија би можела да се соочи со внатрешна политичка криза, со повторно разгорување на етничките агенди, со проблеми во меѓународната политика, со тешка зима, ако навреме не се обезбедат енергенти, како и со општествени протести и можна нова здравствена криза од есен.“

„По изминувањето на 100-те дена од работењето на Владата на премиерот Ковачевски, опозицијата го актуелизира барањето за предвремени избори, најавувајќи дека од 10 мај ќе почне да ја блокира работата на Собранието, ако кај власта нема подготвеност за разговор за предвремено одмерување на силите на парламентарни избори. Нова ваква блокада ќе ја втурне земјата во длабока политичка криза, бидејќи парламентот нема да може да носи закони, кои што во вакви вителни времиња можат да бидат исклучително важни.“

„Тоа ќе доведе до нови партиски пазарења, лидерски средби, инаетења, подметнувања и секакви други политички сплеткарења, само за да се оцрни политичкиот опонент. Во сето ова интересот на граѓаните и на државата го нема никаде. Блокадата ќе значи вовед во нова политичка криза и загубено драгоцено време.“

„Државата мора итно да се соочи и со повторното разгорување на етничките агенди. Без оглед колку некој да го релативизира подигањето на спомен-кулата во Слупчане, сепак, зад тоа стои сериозна внатрешна провокација, која е закана за меѓуетничките односи. Тринеделниот штрајк на просветните работници и најавите за други штрајкови покажуваат дека државата ќе мора да се справи и со растечкото општествено незадоволство. Толеранцијата на граѓаните има граница.“

„Во јуни годинава ќе биде познато дали Македонија ќе добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, или ќе се соочи со ново бугарско вето. Нова бугарска блокада ќе значи крај на целиот евроентузијазам тука. При можно ново бугарско вето преговорите со Софија ќе бидат ставени во мирување на подолг рок. При блокирани евроинтеграции треба конечно да се смени ставот дека нема алтернатива или некаков план Б. Таа алтернатива, или план Б, може да биде и Европската економска заедница, па и некакви форми на соработка со Евроазиската унија и со Арапската лига, за проекти што се во интерес на Македонија и на нејзините граѓани.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/opshtestveno-okruzhenie-shto-nosi-teshko-iskushenie/