„Пржинската’ влада требаше да има еднократна употреба, но продолжи да се практикува и на секои наредни избори. Сега се бара Албанец да биде премиер 100 дена, така што и оваа практика може да стане начин на функционирање на секоја наредна влада. Врз такви незаконски практики не може да се гради држава. Уште полошо е што ваквите политички експерименти се повторуваат и стануваат практика и за во иднина. Уставниот суд треба да ги забележи сите дејства, што се противуставни, и да реагира навремено.“ – вели Сашо Таневски во својата колумна со наслов „Крај на политичките експерименти во новата година“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува:
„СО НЕЗАКОНСКИ ПРАКТИКИ НЕ СЕ ГРАДИ ПРАВНА ДРЖАВА“
„Изминатите години во Македонија почна да се воспоставува политичка практика на непочитување на законите и Уставот, почнувајќи од воведувањето на форматот на ‘пржинската’ влада, па сега со барањето за Албанец – премиер во последните 100 дена од мандатот на Владата. Во македонскиот устав никаде не стои дека треба да има ‘пржинска’ влада, или Албанец – премиер, туку е точно предвидено како се добива мандат, како се формира влада и кои се нејзините надлежности. Договарањето и правењето компромиси по различни прашања се спротивни на заложбите за владеење на правото.“
„Кога станува збор за Македонија почитувањето на законите и Уставот е второстепена работа, па постојано се изнаоѓаат некакви експериментални решенија надвор од законот и Уставот, само за да се исполнат одредени меѓупартиски договори и да се постигнат некакви политички компромиси. Неуставната пржинска влада е целосно нефункционална. Ниту евентуално идниот Албанец – премиер ќе може нешто сериозно да направи за 100 дена мандат. Ваквата привремена функција е уште еден пример за погазување на Уставот и законите, бидејќи така поставениот премиер, само врз основа на меѓупартиски договор, го нема изборниот легитимитет добиен од мнозинството граѓани.“
„Врз такви незаконски практики не може да се гради држава. Уште полошо е што ваквите политички експерименти се повторуваат и стануваат практика и во иднина. ‘Пржинската’ влада требаше да има еднократна употреба, но продолжи да се практикува и на секои наредни избори. Сега се бара Албанец да биде премиер 100 дена, така што е повеќе од извесно дека и оваа практика ќе стане начин на функционирање на секоја наредна влада.
„Ваквите практики понекогаш ги поддржува и самата Европска Унија, која инсистира на владеење на правото, но и, всушност, замижува пред ваквите незаконски практики, што не можат да се сретнат во ниту една друга европска држава. Лицемерно е што истата таа Европа ги подбуцнува македонските власти да експериментираат со вакви противправни дејства кога нешто е во нејзин интерес, но, од друга страна, постојано ја потсетува Македонија за слабостите токму кај владеењето на правото, основното во идните преговори со Унијата, кога и да се случат.“
Професорот по политички науки на Европскиот универзитет во Скопје Живко Андревски во сето ова гледа газење на Уставот и на законите. ‘Една од практиките што се востанови кај општествата во кризи е барање други решенија врз основа на политички договори, надворешни притисоци, присуства и мешање. Почнува да дејствува еден друг ненапишан устав, кој не е формализиран: се применува практика, чии одлуки имаат правна сила и правна тежина како да се уставни норми. Меѓукоалициските договори стануваат решение со сила на уставен принцип. Таква беше ‘пржинската’ влада. Сега истиот принцип се користи и за оваа иницијатива за 100 дена Албанец – премиер.“
„Уставниот суд треба да ги согледа сите противуставни дејства и да го штити уставниот поредок, реагирајќи навремено. ‘Пржинската’ влада беше потребна да се надмине одредена ситуација и тоа тогаш се сметаше за решение. Без оглед на привремениот карактер, тоа подоцна се претвори во облик на практика. Во меѓупартиските договарања е предвидено 100 дена да биде премиер – Албанец, иако тие немаат правна тежина и можат да не бидат спроведливи. Но и оваа практика ќе се востанови, иако ја нема во Уставот. Кај нас сè повеќе почнува да функционира некој непостоен устав, но видлив.“ – заклучува професорот Андревски.





