Таневски: Пораката од Водици за сплотување околу одбраната на татковината, политичарите да не преговараат за идентитетот и јазикот

„На централната манифестација по повод Богојавление – Водици во Скопје групата од триесеттина млади момчиња не скокаа и не трчаа кој попрв ќе го фати крстот, туку чекаа речната струја сама да го донесе до нив светиот крст. Во името на нешто посвето и повозвишено одошто материјалните награди, прегрнати упатија силна освестувачка порака и народен крик до сите во земјата, посебно до политичарите, без оглед дали се власт или опозиција, малку да застанат, да подразмислат и да разберат каде ја водат оваа наша Македонија. Дека политичарите немаат мандат да преговараат за идентитетот и јазикот на македонскиот народ само за да покажат кооперативност пред меѓународната заедница. Групата млади момчиња ја упати пораката за сплотување обединување, заради зачувување на сопствениот идентитет, јазик, историја и култура.“ – вели Сашо Таневски во својата статија со наслов „Пораката од Водици“, која ја објави „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Православните христијани неодамна низ целата земја го прославија големиот христијански празник Богојавление – Водици. Група триесетина млади момчиња, кои оваа година на централната манифестација по повод Богојавление – Водици во Скопје, наместо да скокаат и да трчаат кој попрв ќе го фати крстот и ќе добие подарок телевизор или некоја друга материјална награда, во името на нешто посвето и повозвишено се откажаа од сите земни благодати и останаа прегрнати во студените води на Вардар, заеднички чекајќи речната струја сама да го донесе до нив светиот крст. Сите испратија силна порака, која не беше само верска туку многу повеќе освестувачка, еден народен крик што треба да допре до сите во земјата, посебно до политичарите, без оглед дали се власт или опозиција, малку да застанат, да подразмислат и да разберат каде ја водат оваа наша Македонија.“



„Симболиката на светиот крст отсекогаш била да сплотува, па затоа повикот за сплотување и обединување е истовремено последната надеж на еден мал и скромен народ да си го зачува сопствениот идентитет, јазик, историја и култура, но и да го спаси ова мало парче библиска земја, по која многумина и натаму посегнуваат. Оние 30 млади луѓе во Вардар на Водици беа вистински светол зрак во ова македонско политичко сивило, кои покажаа дека во младоста се силата и свеста да се одбрани татковината, да им се каже доста на поделбите, на кавгите, на клиентелизмот, на корупцијата, на сето она што со години ја уназадува оваа земја.“

„Токму тоа е она што треба да го разберат политичарите, дека немаат мандат да преговараат ниту за идентитетот ниту за јазикот на македонскиот народ само за да покажат кооперативност пред меѓународната заедница, туку нивниот мандат е да седнат и заеднички да бараат решенија што се најдобри за земјата и за граѓаните. И власта и опозицијата се еднакво одговорни за состојбите во државата и пораката од Водици е конечно да се свестат, да се сплотат, да не ја сфаќаат борбата за власт како борба за привилегии, за министерски, директорски и места во управни одбори, туку како можност чесно и достоинствено да им служат на својот народ и на својата држава, како израз на најдлабок патриотизам, што може да го направи секој човек што си ја сака својата земја.“

„Повеќето за овие 30 години не го научија тоа, туку продолжија да ја туркаат земјата сè подлабоко во амбисот од кој нема враќање, урнисувајќи ги вековните стремежи на македонскиот народ за своја држава, идентитет, јазик, историја и култура. Несплотеноста нè доведе дотаму, до точката кога веќе е прашањето дали ќе опстојат државата и нејзиниот народ. Ништо не е повредно од зачувување на идентитетот и јазикот на еден народ, па затоа е потребно обединување околу идејата ‘Европа тука, во Македонија’. Таа Европа ќе зависи само од нас, а не од некој друг што со уцени сака да ги протне сопствените етноцидни политики во име на некакви европски вредности.“

„Оние 30 млади луѓе прегрнати во Вардар побараа она што досега било семе на раздор и поделби во државата, сега осветените води да го измијат, да го очистат и да го обноват, бидејќи тоа е вечен циклус што никогаш не завршува. Тоа е семето на македонизмот, кое колку и да го требиш, повторно изникнува, како пиреј. Годината почна со порака за сплотување и таа порака ништо помалку не се однесува и на оние што ја блокираат Македонија и нејзината иднина.“ – заклучува Сашо Таневски во својата статија во „Нова Македонија“.