„Македонија се најде во ваква ситуација, бидејќи е раководена од политички гарнитури, кои во најголем дел не покажаа нималку совест за интересите на државата и граѓаните. Но, може ли да се бара совест во услови на обезвреднети вредности, примена на двојни стандарди, методи на уцена и распаднати критериуми и во самата ЕУ?“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Време е да се разбуди внатрешниот глас“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Меѓународниот ден на совеста како повод“
Таневски пишува: „Низ светот денеска се одбележува Меѓународниот ден на совеста, 5-ти Април, ден што треба да ги потсети луѓето да ја следат својата совест и да прават исправни работи. Европската Унија не покажа трошка свест и совест во своите политики кон Македонија. Истото може да се каже и за Грција и Бугарија. Може ли да се бара совест во услови на обезвреднети вредности, примена на двојни стандарди, методи на уцена и распаднати критериуми и во самата ЕУ, но и воопшто во глобални рамки?“
„Случувањата овие 30 години во Македонија покажаа дека совеста исчезна од овие простори: секој гледа да се дограби до позиција, а потоа без ронка совест, свест, а уште помалку одговорност, да ги оствари своите цели. Затоа државата се најде во ваква ситуација, раководена од политички гарнитури, кои не покажаа нималку совест за интересите на државата и граѓаните. Наместо општеството да созрева и да станува совесно и одговорно за сите постапки, тоа уште повеќе се преобразува во општество без никаква совест, себично, грабливо и водено од желбата за лична полза.“
„Токму на Меѓународниот ден на совеста се наметнува дилемата: дали може воопшто конечно совеста да проработи и да стане главната особина од која ќе се раководат оние што ја водат државата или себичноста и бескрупулозноста се многу посилни?“
„Универзитетскиот професор, филозоф и публицист Ферид Мухиќ смета дека во Македонија сè уште постојат некои зафрлени предели, сиромашни квартови во градовите или во селата, каде што може да се пронајде совест кај луѓето, но не и кај политичарите. ‘Во Македонија совеста единствено е зачувана во некои зафрлени предели на земјата, некои посиромашни квартови во градовите, во селата. Но, во секојдневниот, економскиот и политичкиот живот, во сите односи, без оглед со кого да разговарате зборот совест не постои. Постои само зборот корист.’ – вели Мухиќ.“
„Османи го девалвира МНР“
„Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве се пожали дека луѓе во државните институции се јавувале во Бугарија и ги минирале преговорите со источниот сосед, со цел тие да не успеат. Дали шефот на дипломатијата е свесен каква порака испраќа со ваквите изјави, дека македонското МНР е несериозна институција од која секој може наоколу да се јавува и да го нарушува угледот на државата? Со која совест министерот ги девалвира институциите со кои тој самиот раководи, наместо да спроведе внатрешна истрага и да утврди дали и кој води дипломатија ‘на своја рака’?“ – прашува Таневски во заклучниот дел на својата анализа.
Интрнет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/author/sasho-t/page/2/





