Таневски: „Македонија може легитимно да го раскине Преспанскиот, оти не отпочнаа ЕУ-преговори, иако го смени името“

„ЕУ активно учествуваше во подготовката на Преспанскиот договор, но и во лобирањето за негово прифаќање во Македонија, со познатата парола дека ‘името е последната пречка на патот кон ЕУ’. Бриселските бирократи со години инсистираа на постигнување договор со Грција, како последен услов за почеток на пристапните преговори. Но, бидејќи тоа не се случи, сега Македонија има легитимно право да не го почитува договорот и да го напушти, кога веќе се покажа дека не функционира овој механизам за брзо интегрирање во европското семејство.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Зар и ЕУ дава повод за раскинување на Преспанската спогодба?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Брисел притискаше додека да се реши проблемот за името, сега заборава на своите обврски“

Таневски пишува: „Наближува годишнината од потпишувањето на Преспанската спогодба и главната констатација, што може да се извлече по овој четиригодишен период, е дека овој документ наметна обврски само кон Македонија, без оглед што со потписот во Нивици свој дел од обврските прифати и Грција. Грција не само што го одолжува усвојувањето на трите меморандуми во грчкиот парламент, не само што ги избегнува обврските од договорот, туку поставува и нови услови кон Македонија, кои излегуваат надвор од рамката на спогодбата.“

„Дали Македонија треба и натаму да го почитува договорот или, почитувајќи ја правната рамка на меѓународно верификувани договори, да се повика на членот 19, кој се однесува на решавање спорови, каде што е нагласено кои се постапките во случај едната страна-потписничка да не го спроведува договореното? Тоа би значело поднесување барање пред Меѓународниот суд на правдата за утврдување одговорност на страната, што го прекршува договореното. Во согласност со меѓународното право, штом едната страна не се придржува до она што го прифатила и потпишала, тогаш втората страна може само да констатира дека договорот не се спроведува и да го раскине.“

„ЕУ е длабоко вмешана во Преспанскиот договор“

„Универзитетската професорка по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје Тања Каракамишева смета дека ЕУ ја остварила својата намера со промената на името на државата и сега ниту ќе го надгледува спроведувањето на Преспанскиот договор, а уште помалку ќе чувствува одговорност во врска со спроведувањето на одредбите од страна на Грција. ‘Договорот ја крши Повелбата на ООН, ги крши сите релевантни акти за заштита на човековите права, ги крши актите на ОБСЕ, а посебно ги гази вредностите и принципите на Советот на Европа. Поради ваквата фалична содржина, која многу лесно може да се докаже пред судските органи, ќе се бара негово поништување.’ – посочува Каракамишева.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/zar-i-eu-dava-povod-za-raskinuvanje-na-prespanskata-spogodba/