„Со децении непрекинатите несогласувања, па дури и кавги меѓу најголемите македонски партии за крупни политички прашања од интерес на државата, доведоа до тоа без ДУИ-малцинската партија сега да не може да се донесе ниту една одлука во државата.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Кога се караат државотворните партии“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Уништувачка разединетост на македонската политичка сцена“
Таневски пишува: „Во време кога Македонија се наоѓа исправена пред голем број предизвици, кои ја одредуваат нејзината иднина, македонските политички партии одново влегуваат во меѓусебна беспоштедна битка, повторно меѓусебно се закрвуваат, на тој начин загрозувајќи ги највисоките национални и државни интереси. Додека партиите од македонскиот политички блок не избираат средства како да се оцрнат меѓу себе колку е можно повеќе, ДУИ во овие 20 години насобра толкава политичка моќ, која што и овозможи дословно да ги диригира сите политички збиднувања во државата, иако е претставник на мал дел на Албанците во Македонија.“
„Со години ДУИ одредуваше, но и натаму одредува дали ќе има политичка криза, дали некоја влада ќе опстои или не, кои закони ќе поминат, кои ќе бидат блокирани, кому ќе му се суди, а кому не, па дури и кога и каков попис ќе има. Со таквиот однос се добива впечаток дека оваа партија ја држи Македонија како свој заложник. Со тоа македонските граѓани се заложници на политичка структура, која нема храброст ниту да се соочи со судски процеси за воени злосторства, откако Хаг ги врати четирите предмети и препорача тие да се процесираат во домашните судови.“
„Диригентот диригира, македонските партии оркестрираат“
„Македонските партии со години се дословно седнати во скутот на интегративците и не можат да донесат ниту една одлука ако не добијат климнување со главата од Мала Речица. Истражувањата меѓу младите покажуваат висок процент на оние што веднаш по завршувањето на училиштето сакаат да се иселат од земјата, не можејќи да ги трпат ваквите злоупотреби и мајоризацијата на малцинството над мнозинството. Неразбирливо е зошто македонските партии дозволуваат да се растура државата само за да дојдат до власт и за извесни привилегии да бидат извршен орган на ‘вечниот’ албански коалициски партнер во власта. Македонскиот политички блок е целосно разоружен пред ДУИ и не може да донесе ниту една одлука важна за државните интереси, ако претходно не надомести со друга одлука, што ќе задоволи некакви етнички барања. “
„Универзитетскиот професор Борче Давитковски се согласува дека ДУИ раководи со државата и додава дека тоа се гледа и од фактот што оваа партија ги контролира сите важни ресори. ‘ДУИ се јазичето на вагата што секогаш натежнува. Што и да побараат мора да им се исполни, бидејќи јазичето на таа вага може лесно да натежне на друга страна и да дојде друга македонска партија на власт, но тие повторно ќе си останат во Владата.’ – вели Давитковски. Според него, македонскиот политички блок не смееше да дозволи, поради меѓусебниот антагонизам, граѓаните да бидат заложници на политиките на ДУИ. ‘Никој не води сметка за националните интереси.’ – појаснува тој.“
„Негово мислење е дека таквата закрвеност во македонскиот политички блок овие 30 години доведе до тоа за ниту едно прашање од национален интерес да се нема консензус. ‘Така беше и со Преспанскиот договор и со Договорот со Бугарија. Дословно за сè немаме изградено еден државен национален став.’ – истакнува Давитковски. Тој додава дека лидерот на ДУИ во овие 20 години мудро ја одржува својата партија на власт, користејќи ги токму кавгите меѓу Македонците.“
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/koga-drzhavotvornite-partii-se-karaat/





