Таневски: Европа не ги брани европските вредности, туку геноцидните политики на негирање на македонскиот народ и неговиот јазик

„Македонската држава ги живее можеби најдраматичните моменти во својата понова историја, кога поради некаква неизвесна европска иднина дословно е исправена пред ризикот целосно да исчезне, а со неа и нејзиниот главен конститутивен народ, македонскиот. Блокадата од страна на Бугарија на македонските евроинтеграции е само последното камче во мозаикот за бришење на Македонија и македонизмот. Тоа еиницијатива зад која отворено застана бугарскиот претседател Румен Радев, кој е политичар што претставува олицетворение на еден минат систем, чија главна цел беше бугаризација на Македонија и побугарчување на свеста на македонскиот народ.“ – вели Сашо Таневски во својата статија со наслов „Македонија е единствената алтернатива“, објавена во весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Во последно време зад сцената нешто крупно се случуваи тоа може да се насети. Во неубедливите уверувања од страна на домашните политичари дека за идентитетот и јазикот не се преговара веќе никој не верува, бидејќи не постои човек во оваа земја, што би поверувал дека е можен компромис со Бугарија без таа да се откаже од рамковна позиција и декларацијата на 44-то Народно собрание од октомври 2019 година, бидејќи во нив е кажано што се мисли за македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја.“

„Погрешно е да се обвинуваат Бугарите дека ни подготвуваат нешто зад грб, бидејќи тие точно и јасно кажуваат што сакаат, и тоа го прават со години, од времето на Живков до денес. Тоа неодамна уште еднаш го повторија во заклучоците од Консултативниот совет за национална безбедност. Ако ова некому не му е доволно да сфати дека Софија влегува во финална битка за обезличување на македонскиот народ, тогаш тој има сериозен проблем или, пак, лично не е засегнат од тоа. Кога и во македонскиот државен врв нема единство по ова прашање, едни продолжуваат да живеат со илузијата дека е можен договор со Бугарија, а други веќе се свестуваат дека европскиот сон можеби ќе остане неостварена желба, интелектуалната сфера во земјава го крева својот глас и повикува на обединување за одбрана на македонскиот јазик, идентитет, историја и култура, одбрана, на она што единствено остана – македонизмот.“

„Група интелектуалци, академици, режисери, новинари, аналитичари, дипломати напишаа проглас до македонските граѓани, во кој повикаа на сенародно обединување токму во заштита на македонизмот и одбрана на татковината. Прогласот е на истата линија на која весникот ‘Нова Македонија’ од своето основање опстојува и ќе продолжи да опстојува и во иднина, секогаш во одбрана на македонскиот народ, јазик и држава. Токму тоа го порачува и прогласот на интелектуалците, патриоти, соочени и загрижени од апсурдните барања на Бугарија за одблокирање на европскиот пат на земјата.“

„Основното во прогласот е обединувањето во насока на заштита на националните интереси. Тоа обединување околу македонизмот во никој случај не претставува закана кон некого, туку барање да се почитуваат правата што секој народ ги ужива во светот, да се самоидентификува како што се чувствува, да има право на сопствен јазик што ќе го именува како што сака, но и на своја историја од која ќе ги влече сопствените корени и ќе гради сопствените митови, исто онака како што секоја земја тоа го правела во процесот на сопственото создавање. Пораката е упатена и до Европа, која наместо да застане во одбрана на европските вредности, застана во одбрана на геноцидни политики на негирање на еден народ, неговиот јазик, историја и култура.“

„Оваа Европа е олицетворение на Бугарија. Никако поинаку не може да се сфати инсистирањето на Брисел за консензус меѓу двете земји за работи за кои ниту една друга држава не би преговарала. Токму на оваа разединета и длабоко поделена и нефункционална Европа ѝ е потребен македонизмот, како еманципаторска и обединувачка идеја, како поле за културен натпревар меѓу народите, но и поле за политичка, економска, образовна, здравствена и секаква друга соработка меѓу европските народи. Македонизмот никого не загрозил, туку тоа е последната надеж на еден мал и скромен народ околу што може да се обедини и да го бара своето место под сонцето, а затоа Бугарија сака да го искорени.“

„Гласот на интелектуалците е упатен посебно до домашните политичари, да не се дрзнуваат да се пазарат со највредното нешто на еден народ, неговиот идентитет и јазик. Ако и тоа исчезне, ќе исчезне и македонскиот народ, но ќе исчезне и Европа како ваква. Ниту функцијата премиер, претседател, министер не е поголема од македонизмот, а уште помалку некој има право да го загрозува и да го распродава највредното нешто за некаква европска несигурна иднина. Истото тоа важи и за македонскиот јазик и историја, столбовите врз кои почива државата, но и со кои се идентификува секој Македонец и без кои не може да биде Македонец. Македонија не може и не смее да прифати договор со кого било, со содржина што ќе предизвика длабока криза, а на идните генерации ќе им остави во наследство идентитетскo уништување.“ – констатира Сашо Таневски во својата статија.

Интернет – врска до целата статија:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/makedonija-e-edinstvenata-alternativa/