“Денеска се навршуваат 79 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта во Треблинка, во Полска. Македонија го памети овој црн датум и сочувствува со Евреите, но истовремено има обврска да го чува споменот за едно безумие направено на нејзина територија од страна на бугарскиот фашистички окупатор и да не дозволува некој да го негира тоа.“ – пишува Сашо Таневски во својата статија со наслов „Сеќавање и незаборав“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Денешниот датум добро треба да го паметат и македонските политичари, сегашни и идни, оти ако се откажат од македонската народноослободителна борба, ја предаваат Македонија, но ги предаваат и своите сограѓани – Евреи и споменот за нив. Токму затоа во преговорите со Бугарија не треба да се прават никакви отстапки за историјата и улогата што ја одиграла тогашна Бугарија. Тоа е она што сака да го постигне Софија, да го исчисти валканото минато и црните епизоди да му ги припише на некој друг и на некаков поинаков контекст.“
„Македонскиот народ нема никаква причина да се срами од сопствената историја и да оди со наведната глава, а уште помалку тоа да го прави, за да му угоди на оној што во Втората светска војна палел, убивал, депортирал, вршел геноцид врз цел еден народ. Македонците не го направија тоа, туку тогашниот бугарски окупатор.“
Затоа, доблесно би било денеска во Скопје да дојде и бугарскиот премиер, или претседател, и да се поклони пред споменикот во скопскиот Монопол, од каде што беа депортирани над 7.000 Евреи. Зошто и да не клекнат на колена, да се извинат и да побараат прошка од Македонија и македонските граѓани? Со негирањето на сопствената улога Бугарија уште повеќе се заглавува во сопственото минато и продолжува да го практикува и денес.“
„Тоа најдобро се гледа од нејзиниот однос кон Македонија и ова што го прави сега со блокадата на нашата евроинтеграција. Во 21. век да се негира цел еден народ, неговиот јазик, историја, култура, е рамно на геноцид. Царска Бугарија во Втората светска војна изврши геноцид врз Евреите во Македонија, а сегашна Бугарија, со малку променети методи, исто така врши геноцид врз Македонците.“
„Нивните сегашни постапки покажуваат дека ништо не научиле од историјата, туку само продолжуваат по патот што некој го поставил пред повеќе од еден век. Во тоа засега имаат премолчена помош и од Европа, која дозволува на нејзина територија да се случува ваков современ етноцид.“
„Евреите, без оглед на цената што ја платија во милиони човечки животи, останаа верни на себе и никогаш не се откажаа. Тоа е поука и за нас.“ – заклучува Таневски во својата статија.
Интернет-врска до целата статија:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/sekjavanje-i-nezaborav/





