Производството на опиум во Авганистан, некогаш најголемиот светски снабдувач, нагло опадна откако талибанските власти го забранија одгледувањето на наркотикот минатата година, се вели во извештајот на Обединетите нации објавен денеска.



Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) објави дека одгледувањето афион на национално ниво паднало на само 10.800 хектари во 2023 година, во споредба со 233.000 хектари претходната година, пренесува Ројтерс.

Така, производството на опиум е намалено за 95 отсто на само 333 тони.

Ова е притисок во земјата разурната од војна, каде што повеќето луѓе зависат од земјоделството и каде што вредноста на извозот на афион повремено ја надминува вредноста на сите формално извезени стоки.

Остриот пад може да има големи последици за економијата во земја каде што на околу две третини од населението веќе им е потребна хуманитарна помош, се вели во извештајот.

За време на нивното претходно владеење, талибанците го забранија одгледувањето афион во 2000 година.