„Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше.



Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време, дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваа неговото оформување во современа нација. А токму тоа беше она што хегемонистите нејќеа да го знаат и признаат.“

Така зборуваше Блаже Конески, еден од доајените на македонската книжевност и своевиден татко на современиот македонскиот литературен јазик.

Конески е познат филолог, поет, универзитетски професор, академик и учесник во Антифашистичка и националноослободителна војна на македонскиот народ, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Тој е еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, а бил и ценет професор. Исто така, тој е еден од основачите и прв претседател на МАНУ. Автор е на 13 поетски книги, прозаист, есеист, публицист, а неговите дела се преведени на голем број јазици.

Блаже Конески почина на денешен ден во 1993 година.

Извор: Факултети.мк