Министерот за одбрана Чиу Куо-чен предупреди дека Тајван треба да биде внимателен оваа година за „ненадејна инвазија“ на кинеската војска во области блиску до неговата територија, пренесе „Ројтерс“.
Неговото предупредување доаѓа во време на зголемени воени тензии во Тајванскиот теснец, откако во последниве години, Пекинг ја засили воената акција околу Тајван, а кинеските воени авиони речиси секојдневно влегуваат во зоната за идентификација на воздушната одбрана на островот.
Засега Тајван нема пријавено инцидент на кинески сили кои влегуваат на неговата соседна територија, која се наоѓа на 44,4 километри од брегот.
Како одговор на прашањата на пратениците во парламентот, Чиу рече дека Кинеската Народноослободителна армија може да најде изговор да влезе во области блиску до територијалниот воздушен и морски простор на Тајван, бидејќи островот ја засилува воената размена со Соединетите држави.
Според неговите зборови, кинеската армија би можела „ненадејно да ја нападне“ соседната зона на Тајван и да се приближи до нејзината територија, на 22,2 километри од брегот.
„Не случајно го велам ова оваа година бидејќи кинеските сили прават такви подготовки“, нагласи Чиу, додавајќи дека доколку навистина мораат ќе употребат сила.
Од своја страна, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на дневниот брифинг посочи дека Пекинг „ќе преземе цврсти мерки за заштита на својот суверенитет и територијален интегритет“.
Тајван се закани дека ќе го искористи правото на самоодбрана и контранапад доколку кинеските вооружени сили влезат на нејзина територија.
Вашингтон е најважниот меѓународен поддржувач и продавач на оружје на Тајван, иако двете земји немаат формални дипломатски врски.
Американската поддршка за островот постојано станува повод за заострување на кинеско-американските односи.






