Tрамп не знае што да прави со Балканот, а ЕУ нема „моркови за реформи“

Новата администрација во Вашингтон сеуште не ја формулирала својата политика кон Западниот Балкан а ЕУ нема „моркови“ со кои што може да ги поттикне реформите во регионот. Засилувањето на европската интерграција  која се соочува со притисок од Русија е најдобриот начин регионот да се спаси од криза , е заклучокот на панелот „Западен Балкан – деликатен баланс“ одржан минатата недела во Вудроу Вилсон центарот во Вашингтон.



Според аналитичарите поради мигрантската криза и растот на популизмот, ЕУ не е фокусирана на Западниот Балкан  и затоа членството во НАТО е уште поважно за земјите од регионот на краток рок. Тоа е начин за брз напредок и за Македонија која има спор со Грција, и за Србија која што засега ја одбива таа идеја, смета професорот Даниел Сервер од Џон Хопкинс Универзитетот.

„Сеуште немаме јасна изјава за Балканот. Не сум изненаден затоа што има многу други приоритети за администрацијата на Трамп пред Балканот но мислам дека ни е потребна реафирмација на европската дестинација на Балканот како и членство во ЕУ и НАТО во рамки на постоечките граници“, смета Сервер кој е одличен познавач на состојбите во регионот.

Во спротивно Русија ќе го искористи вакумот, смета Сервер според кого Москва не успеала да ја спречи Црна Гора да влезе во НАТО затоа што владата во Подгорица била одлучна. Москва не успеала ни во Македонија каде што сакала Груевски да остане премиер, ниту во Босна но Сервер не знае колку долго ќе трае тој неуспех на Русија.

Според Џон Лампи , аналитичар на Вудроу Вилсон Центарот во Србија има напредок со отворање на нови поглавја за влез во ЕУ и со поставување на Брнабиќ за премиер што е одличен политички симбол но тој предупредува дека регионот наскоро ќе се соочи со сериозни еконномски проблеми.

За аналитичарот Рос Џонсон на терен се забележува силна иницијатива за „мека моќ“ како што ја нарекува информативната војна со Руската федерација.

„Активни се неколку руски медиуми но најважна е агенцијата „Спутник“ која работи на неколку јазици а постојат и разни невладини организации кои што се активни на социјалните мрежи каде што се шират руските ставови и тоа ќе продолжи“, Вели Џонсон кој очекува Москва да продолжи со влијанието во регионот но не значи и дека ќе успее во тоа.

Една од главните теми на панелот било прашањето за админстративните граници во регионот во контекст на косовско – српската граница. Според најголем дел од учесниците менувањето на границите мора да биде целосно отфрлено како можност затоа што тоа може да предизвика домино ефект кој што може да биде искористен и од екстремистички организации како Исламската држава.