СЗО: Пандемијата е далеку од завршена

Првиот човек на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејесус, на брифинг во Женева изјави дека иако веќе втора недела има забележителен пад на смртни случаи и на новозаразени со Ковид 19, пандемијата е далеку од завршена.



„Пандемијата е далеку од завршена и нема да заврши никаде додека не заврши насекаде“, изјави директорот на СЗО.

Тедрос предупредува дека новите мутации, слабите здравствени системи, половичната примена на мерките за заштита, како и недостатокот на медицински средства и вакцини ја влошуваат состојбата во посиромашните земји.

Тој предупредува дека е компромитирана набавката на вакцини на глобално ниво и подвлекува дека наскоро во програмата Ковакс ќе останат без вакцини.

Програмата за дистрибуција на вакцините до сиромашните земји се потпираше на вакцините од Институтот за серум во Индија, кој произведува вакцина АстраЗенека. Но, многу од овие вакцини нема да излезат од Индија затоа што им се потребни на тамошните луѓе кои се борат против вирусот.

Шефот на СЗО предупреди дека Ковакс ќе има 190 милиони дози помалку од планираното до крајот на јуни и дека досега се испорачани 65 милиони дози во 124 земји.

Тој ги повика богатите земји кои имаат вишок вакцини да ги дистрибуираат на сиромашните.

„Треба да поставиме заедничка цел и да ја вакцинираме возрасната популација што е можно поскоро. Никој не е безбеден се додека сите не бидат безбедни”, вели шефот на СЗО.