Во документите кои стигнаа до нас од страна на свиркачи, а се анализа на банката на фирмите на Ахмети, е наведено дека „Тор Индустриес“ е формирана во 2020-та година за да учествува во големите градежни проекти кои се планирани во Македонија, вели пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Дрин Ахмети со „Тор Индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот Зајас за која ќе зборуваме деновиве е вклучен во изградба на Коридор 8, договорот кој го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи.
Кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач, на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание?
Покрај на Коридор 8, како „Тор Индустриес“ на внукот на Али, Дрин Ахмети е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делница Извор-Гарски мост.
Исто како и на Коридор 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата кои треба да ги инкасираат, според документите доставени до нас од свиркачи се помеѓу 6 и 9 милиони евра.
Потенцираме дека очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра, пред банката на „Тор Индустриес“ е изнесен токму од Дрин Ахмети, и тоа е заведено во анализата на банката.
Дали по истиот модел „Тор Индустриес“ ќе продолжи со изградба на новите делници од Коридор 8, и дали ЈО ќе продолжи да биде нем набљудувач? – прашува Ковачки според кој ова се мултимилионски бизниси, од кои кланот од Зајас дебело профитира, додека народот се иселува од државата.







