Александар „Велики“ Волкановски, Македонец од Австралија и светски шампион во ултимејтфајт, би сакал да се бори во Македонија, родната земја на неговиот татко.
„Да, јас би сакал да се борам таму и мислам дека дефинитивно може да се случи тоа. Има многу добри спортисти кои што доаѓаат од Македонија, има неколкумина УФЦ-борачи. И не само од таму, туку и во Австралија и во светот има многу Македонци кои сакаат да бидат дел од УФЦ-борбите. Дефинитивно, наскоро ќе организираме настан во Македонија и тоа ќе биде одлично. Но, јас всушност ќе направам тура, сакам да одам секаде и тоа би требало да се случи следната година. Тогаш планирам да дојдам во Македонија и ќе одам на многу места. Ќе дојдам во Скопје, во Беранци, тоа е местото каде што живееше татко ми и дел од моето семејство, потоа ќе одам во Битола и низ целата држава. Тоа е нешто што отсекогаш сакав да го направам, уште откако добив УФЦ појас. Но, беше тешко да се спроведе поради термини, немавме време, а потоа се случи и пандемијата. Но, сега сме во позиција кога сакаме да дојдеме таму. Знаете, луѓето од Македонија ми даваат многу поддршка, отсекогаш ме поддржуваа и сега сакам да им возвратам. Сакам да дојдам таму, да го земам УФЦ-појасот, да им го покажам, да им дадам да го допрат и да го прослават освојувањето на шампионската титула заедно со мене. Едвај чекам да се случи тоа“, изјави Волкановски во интервју за „Блумберг Адрија“ на македонски.






