Меѓународниот ПЕН е вџашен од ужасната бројка на цивилни жртви во Израел и Окупираните палестински територии (ОПТ) поради избувнување на насилство меѓу Хамас и Израел.
,,Повикуваме на итен прекин на сите непријателства, заштита на цивилите и праведно решавање на конфликтот преку преговори меѓу Државата Палестина и Државата Израел, во согласност со меѓународното право.
Ескалацијата на насилството започна на 7 октомври кога Хамас истрела ракети кон Израел и иницираше невидена операција на неговите борци во израелските населби во непосредна близина на Појасот Газа. Израел возврати со огромно бомбардирање на цели станбени области и иницирање целосна опсада на Појасот Газа”, стои во реакцијата на светската асоцијација на писатели.
„Насилството на Хамас и израелската влада е неприфатливо. Годините на окупација и политички ќор-сокак доведоа до ова насилство, при што најмногу страдаат цивилите од двете страни. Им изразувам сочувство на сите погодени од ова крвопролевање. Ако не запре, алармантниот пораст на насилството и омразата ќе го опустоши целиот регион и ќе влијае на целиот свет. Мирот мора да надвладее со обезбедување итен прекин на огнот и праведна резолуција што ќе ги реши основните причини за конфликтот. Обединетите Нации мора да воспостават конкретна иницијатива и да донесат конечен крај на окупацијата, во согласност со меѓународното право”, вели Бурхан Сонмез, меѓународен претседател на ПЕН во реакцијата на ескалацијата на непријателствата.
Меѓународниот ПЕН остро ја осудува целосната опсада на Газа од страна на Израел, вклучително и одбивањето на пристап до електрична енергија, храна, вода, гориво и витални медицински материјали, како и убиства на цивили, неселективно гранатирање, непропорционални одмазднички напади, намерно уништување на цивилна инфраструктура и колективно казнување на цивилното население во Газа.
,,Ние, исто така, ги осудуваме убиствата и киднапирањата на израелски цивили од страна на палестинските вооружени групи. Ваквите дела од двете страни се забранети со меѓународното право и може да претставуваат воени злосторства од невидени димензии”, стои во реакцијата.
Меѓународниот ПЕН нагласува дека сите страни во конфликтот треба строго да се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и да ги штитат животите на цивилите во секое време, согласно Женевските конвенции и нивните дополнителни протоколи.
,,Исто така, предупредуваме дека доколку Советот за безбедност на ОН не преземе итни дејствија за спроведување на итен прекин на огнот, конфликтот може да ризикува да се прошири низ целиот регион.
Повикуваме на итен прекин на сите непријателства, заштита на животите на цивилите и праведно решавање на конфликтот. Ова треба да повлече итен прекин на илегалната израелска окупација на сите палестински територии, во согласност со меѓународното право, и разбивање на системот на апартхејдот на кој Палестинците беа подложени со децении”, порачува светската асоцијација на писатели.
На 7 октомври, борците на Хамас започнаа напад без преседан врз израелските населби во непосредна близина на Појасот Газа, што резултираше со убиство на над 800 Израелци, вклучително и цивили. Според најновите податоци, во нападот има и повеќе од 2600 повредени.
Според палестинското Министерство за здравство, израелските сили извршија одмазднички напад врз Газа, при што загинаа најмалку 508, а беа ранети 2800, меѓу кои 91 дете и 61 жена. Министерството, исто така, објави дека 15 Палестинци, меѓу кои и двајца малолетни, биле убиени на Западниот Брег, а околу 80 се ранети. Сегашниот биланс на загинати изнесува 704 Палестинци во Газа и над 900 луѓе во Израел.
Неодамнешната ескалација доаѓа во контекст на зголеменото насилство врз Палестинците во услови на алармантна експанзија на населбите во последните години.
Експертите на ОН, израелските и меѓународните организации за човекови права предупредија на влијанието на илегалната израелска окупација на палестинските територии, системот на апартхејдот и тековните прекршувања на палестинските човекови права што произлегуваат од него. Над два милиони Палестинци живеат во Газа, редовно опишуван како „затвор на отворено“, без соодветен пристап до струја, вода или здравје, со економија во колапс и без можност слободно да патуваат во остатокот од Палестина или во надворешниот свет.
Подемот на екстремната екстремна десница во Израел, во која дојде на власт екстремно десничарска коалиција во ноември 2022 година, предизвикува сериозна загриженост за човековите права. Новата влада донесе многу контроверзни крајнодесничарски екстремисти во првите редови, вклучувајќи го и израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир.
Познат по своите екстремни антиарапски ставови и претходно осуден за говор на омраза, поттикнување расизам и поддршка на терористичка група, Бен-Гвир може да надгледува некои полициски активности на окупираниот Западен Брег.
Во септември 2021 година, собранието на делегати на Меѓународниот ПЕН, кое се состана на својот 87ми Конгрес, усвои резолуција за критичната ситуација во Израел и ОПТ, повикувајќи, меѓу другото, на мационална истрага на Меѓународниот кривичен суд за какви било потенцијални воени злосторства и независната меѓународна истражна комисија за истрага за злоупотреба на меѓународното право за човекови права на окупираната палестинска територија, вклучувајќи го и Источен Ерусалим и во Израел, како што е предложено од Советот за човекови права на ОН. За повеќе информации, кликнете овде“, пишува во информацијата дистрибуирана од меѓународниот ПЕН центар.





