Светиот оган од Ерусалим ќе стигне преку Бугарија

Македонскиот митрополит Иларион утре на аеродромот во Софија ќе го прими благодатниот ерусалимски оган од бугарскиот митрополит Антониј, по што огнот ќе биде разнесен до сите храмови во Македонија во пресрет на Христовото Воскресение.



По 13-ти пат, бугарски духовници ќе заминат во Ерусалим, од каде ќе го донесат Светиот оган.

Досега Светиот оган во Македонија стигнувал од Солун, благодарение на духовници од Бигорскиот манастир и нивни лични пријателства со претставници од Грчката црква.

Точно десет години, откако по иницијатива и заложби на Свештената бигорска обител за прв пат Благодатниот ерусалимски оган беше донесен на Света Пасха од Грција во Македонија, годинава тој ќе пристигне во Македонија земја преку Бугарија. Овој пат неговото пристигнување ќе биде организирано на официјално ниво меѓу двете цркви – МПЦ-ОА и БПЦ.

На крајот на март, поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Стефан, официјално го покани бугарскиот патријарх Неофит да учествува во свеченостите по повод 1.000-годишнината од основањето на Охридска архиепископија на 28 мај во Охрид.

На поканата која била упатена лично до бугарскиот патријарх во писмо потпишано лично од архиепископот Стефан, е позитивно одговорено и Неофит ќе испрати црковна делегација од БПЦ да присуствува на свеченоста.