Во ковид болницата во Тетово која до темел изгоре пред три дена немало ни противпожарен апарат, ниту пак систем за гаснење пожари, тврди Ибим Емшиу од селото Синичане кој ги загубил својот татко и брат во пожарот, го пренесе Дојче веле неговото сведоштво за медиуми на албански јазик.
Тој шест дена се грижел за членовите на неговото семејство во болницата затоа што, како што вели, немало доволно персонал.
Во моментот кога почнал пожарот тој бил внатре во центарот и се обидувал да го извлече својот брат. Но густиот црн чад го спречил во намерата и морал и самиот да бега.
„Баравме апарати за да го изгаснеме пожарот, но немаше ниту еден, ниту пак систем за гаснење пожари“, раскажува Ибим.
„Пожарот започна од собата број 3, се прошири во собата број 2, и после во собата број 1. Немавме можност ништо да направиме. За малку ќе останав и самиот внатре„.
Модуларната болница тој ја опишува како „пластична барака со стиропор“ низ која пожарот се ширел многу брзо.
„Со мои очи видов сѐ“, вели Ибим. „Сите пациенти што беа внатре ги видов со свои очи како вриштат. Тие што велат дека имало противпожарен систем- лажат“, раскажа Ибим за албански медиуми.







