Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немале никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ, ниту организирале партиски членови да учествуваат на протестите на „За заедничка Македонија” изјавија повеќе сведоци на одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски, на прашање дали за време на протестите „За заедничка Македонија” комуницирал со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за нивно организирање или поддршка, одговри „не” односно дека немал потреба ниту да комуницира, бидејќи тие тогаш немале никаква функција, пренесе МКД.Мк
Владо Мисајловски, кој во 2016 година беше министер за транспорт и врски, прашан каков став имал Општинскиот комитет на партијата за протестите на „За заедничка Македонија”, рече дека секој си одлучувал сам дали ќе ги поддржи собирите што ги организира „За заедничка Македонија” и дека партијата немала ништо со тие протести.
Претходно беа сослушани повеќе сведоци, кои сведочеа дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески некогаш биле контактирани од нив за учество или организирање превоз на симпатизери на партијата за протестите пред Собранието.






