Есенската сеидба речиси и да не почнала. Земјоделците се жалат дека поради сушата голем дел од површините може да останат непосеани што навестува дека следната година ќе произведеме помалку пченица од вообичаеното, објави ПлусИнфо.

– Ако порано се жалевме на високите цени на семенскиот материјал, на ѓубривото и нафтата, дека имаме недостиг од нив, годинава ги имаме иако цените вообичаено се високи, но немаме дожд за успешна сеидба. Во старт доцниме со сеидбата, а ако времето и натаму остане суво се плашам дека голем дел од површините ќе останат непосеани – вели Петре Стојаноски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Тој додава дека не може да каже кога ќе заврши сеидбата и колкав дел од површините ќе останат непосеани.
– Чекаме да заврне, почвата е сува и има проблем зрното да изрти, а тоа е несигурност кога ги одвраќа земјоделците да го завршат овој важен процес. Голем дел од нив ќе се откажат есенва да сеат некоја култура, па ќе чекаат напролет да засеат нешто за да можат да преживеат следната година – додава тој.
Земјоделците се жалат дека поради сушното време имаат проблем и со заорување на земјата.
– Рокот за почеток на есенската сеидба одамна помина, но јас уште не сум ги изорал површините. Земјата е пресушена, тврда. Чекам да врне неколку дена за да можам да го завршам овој дел од сеидбените подготовки. Ќе доцнам со сеидбата, а тоа значи дека семето подоцна ќе про’рти и ако нема доволно влага може и да не никне или да не биде доволно здраво растението и подготвено за зимата. Сето ова не оди на добро за моето производство и за приносите. Ако нема квалитетен род и продажбата ќе биде во прашање – вели земјоделец од Пелагониско.
Според агрономите, од година во година поради климатските промени не може секогаш да се испочитуваат роковите за извршување на есенската сеидба што подоцна влијае и на квалитетот на производот и приносите. Годинава проблем е сушата. Повеќе на ПлусИнфо.мк.





