СУМ повикува на протест пред Собранието на РМ

Во повикот до граѓаните на Република Македонија асоцијацијата ги повикува сите
Maкeдонци, Македонки и Граѓани кои ја сакаат и почитуваат Македонија како своја татковина и држава, на протест пред Собранието.



“Во пресрет на годишнината од Родољубивиот четврток – 27.04.2017 година, Сите за Унитарна Македонија – “СУМ“, како Македонска координативна мрежа што формално обединува 23 граѓански здруженија и организации (а неформално и многу повеќе), Ве информира дека на 26.04.2018 година, ЧЕТВРТОК, со почеток во 19,00 часот организира Собир на сите граѓани родољуби на кои унитарна и демократска Македонија им е во срцето , а со цел да се испрати порака до ненародната власт дека Македонскиот народ не го заборава Денот кога беше погазен Уставот на Република Македонија, парламентарната демократија и кога е започната окупацијата на Македонија за остварување на туѓи интереси, а на сметка и на штета на македонските.

Главното мото на собирот е:

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ERGA OMNES
или
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КОН СИТЕ

Пораките кои ќе се испратат се:

– Сочувување на МАКЕДОНСКОТО ИМЕ, ЈАЗИК, ИДЕНТИТЕТ, ИСТОРИЈА и ДРЖАВА и кривична одговорност за тие што со украден и фалсификуван мандат го прават тоа во името на македонскиот народ,
– Прекинување на секакви судски постапки за РОДОЉУБИТЕ кои на 27.04.2017 година го бранеа Уставот на Република Македонија и парламентарната демократија
– РАСПУШТАЊЕ на оваа ненардона и инсталирана власт

Собирот е замислен како натпартиски собир со обединувачка и мотивирачка цел за сите прогресивни и демократски, но пред се родољубиви сили во Македонија кои се свесни за опасностите по опстанокот (физички, духовен, културен и економски) на македонскиот народ, држава и по сигурноста на сите нејзини граѓани.

Почитувани, доколку главната порака на овој собир – РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ERGA OMNES е света и за Вас, доколку барем една од трите пораки е одраз на вашиот внатрешен глас, “СУМ“ од се срце, МАКЕДОНСКИ, Ве поканува да го поддржите овој граѓански собир.

Убедени сме дека со Вашето присуство на овој собир:
1 – на сите релевантни фактори во и надвор од Македонија ќе им ја ставите до знаење црвената линија на македонскиот народ, на сите граѓани и политички чинители што ја сакаат, почитуваат и уважуваат Р. Македонија како своја држава и во чија унитарност, целовитост и сувереност на македонскиот народ ја препознаваат гаранцијата за мирот на овие простори
2 – сте за вистинската парламентарна демократија како гарант на слободите и правата на сите граѓани, независно од припадноста по која било основа (етничка, верска, полова…) и
3 – правите реален чекор кон обединување на сите прогресивни и демократски сили и капацитети во градењето на фронтот против ненародната и недемократска власт, свесни за суштинскиот интерес на Македонскиот народ и Држава

Во овој момент само ЗАЕДНО СМЕ СИЛНИ!

Затоа Ве прашуваме:
– Мајки, каде по белиот свет ќе ги пратите вашите деца да аргатат?
– Татковци, направивте ли доволно да го заштитите својот дом и потомство?
– Баби и дедовци, кому ќе го оставате домашното кандилце и приказни?
– Млади, кому ги оставате вашите родители, роднини, родни градови, села, улици, кафулиња, спомени – во туѓина ли ќе ги раѓате своите деца?
– Професори, Доктори, Правници, Економисти, Земјоделци, Работници, Студенти… итн. кому ја оставате својата земја да биде нивна?

Протестот ќе се одржи утре на 26.04.2018 година во 19,00 часот пред спомен обележјето на основоположниците на АСНОМ, Претседателот на првата Македонска Република – Никола Карев и Македонската триумфална капија”, се вели во прогласот за протестот.

Македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија
(Македонски манифест, Светски Македонски Конгрес, Преродба, Став, МОС – Македонски обединети сили, Код, Ние, Наши, Христијанско братство, Тврдокорни, Македонското патриотско здружение “Васил Чакаларов“, Бригада, Македонско патриотско здружение ‘’Пере Тошев’’ – Прилеп, Граѓанска иницијатива за одбрана на името Македонија и ослободување на неправедно притворените ‘’Вевчани’’ – Вевчани, Македонија пред се, Граѓанските иницијативи за одбрана на името Македонија и идентитетот на македонската нација од Битола, Велес, Кочани, Штип, Кавадарци, Струга, Мислешево, Млади за Македонија)