Сулејмани: Чудовишта-фундаменталисти поставуваат крстови, за да им покажат на Албанците, оти се дојденци во татковината на „библиските Македонци“!

„Чудовишта-православни фундаменталисти поставиле православен крст во месност во подрачје на Шар Планина, исцело населено со Албанци. Со ваквите свои ниски провокации тие сакаат да покажат дека * Македонија е само нивна сопственост, додека Албанците се дојденци, узурпатори и непријатели на татковината на ‘библиските Македонци’. Органите на прогонот треба да преземат навремено потребни мерки против овие сејачи на крстови кај што не им е место.“ – вели д-р Фатмир Сулејмани, книжевник и универзитетски професор по албанологија во Филолошкиот факултет на државниот Универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Сејачи на крстови“, објавена на информативниот портал на албански јазик „Порталб“.



Сулејмани пишува: „Се сеат насекаде крстови од индивидуалци и групи на православни фундаменталисти. Зборот ми е за поставувањето крст во месноста ‘Голема могила’ (на албански: ‘Tumë e Madhe’), спроти Црното езеро, кое се наоѓа над селата населени 100 проценти со Албанци од муслиманска вероисповед, како што се: Боговиње, Пирок, Градец, Сенокосе, Раковец, Ѓурѓевиште, Горјани и Ломница.“

„Овој грд чин треба да биде расветлен од органите на прогонот, но тие не реагираат и не преземаат навремено потребни мерки против пироманите. Ваквите активности на пироманите секако не се случајни и не ѝ донесуваат ништо добро на земјата, која себеси се нарекува демократска, повеќеетничка, повеќерелигиозна и повеќекултурна. Албанците не се против ниту една религија и ниту еден верски симбол, но тоа не значи дека некој може да нѐ исмејува како што сака и како што ќе му падне на ум. Чудовиштата, кои го поставиле тој крст, треба да се откажат од ниските провокации. На верските симболи местото им е во верските светилишта, а не на врвовите, на карпите и на ридовите.“

„На таквите верски симболи уште помалку им е место во синорите населени уште од древни времиња од луѓе, кои со својата вера се разликуваат од ‘верата’ на пироманите, кои мислат дека имаат право оти * Македонија е само нивна сопственост, додека Албанците се дојденци, узурпатори и непријатели на татковината на ‘библиските Македонци’. Тие со целосна свест сеат крстови и градат макети на политички цркви кај што ќе им се посака, настојувајќи со тоа да им стават до знаење на Албанците дека се наоѓаат на словенска земја и да ги поттикнат на раселување.“

„Очекувањата на сејачите на крстовите се и уште поголеми: јас, ти, ние… да се испотепаме во верските судири во време кога се сфаќа дека трн во окото на албанофобите не е вероисповедта на Албанците, туку се самите тие како етникум напаѓан со векови од ѕверовите, кои сакаат да нѐ испечат во гасните комори. Но, времињата се сменија и тие богохулници напразно се стремат да нѐ прикажат како исламски фундаменталисти и како луѓе без етнички чувства. Тие сакаат да го поттикнат нашиот бунт со верски знамиња, да нѐ претстават пред светот како противници на христијанството и како радикални муслимани – противници на Западот…“

Инаку на 16.8.2023 година „Сојузот на планинарските здруженија“ реагирал за истиот повод, во соопштение преку својот фејсбук-профил, кое е потпишано од неговиот претседател Фари Реџепи. За ова било расправано на состанок на тој Сојуз одржан во општина Сарај, Скопје. Сојузот на планинарските здруженија“ пишува: „Се забележува недолична појава за време на планинарењата да се поставуваат крстови на врвовите и да се именуваат врвови во Националниот парк Шар Планина. Најнов случај е поставувањето крст и менување на врвот како Петров врв, во месност некаде во регионот меѓу врвот Рудока и Голема Таума. Бараме од надлежните институции да ги преземат сите мерки согласно законите, ВЕДНАШ да ги отстранат крстовите поставени насекаде низ планините и неодговорните лица, кои ги поставиле, да ја добијат заслужената казна. Ние сме за заштита на животната средина, за меѓуверска почит и толеранција меѓу луѓето, но НЕ и за омраза и шовинизам.“

Како информација под наслов „Сојузот на планинарските здруженија бара отстранување на крстовите низ планините“ споменатото соопштение го пренесоа информативната агенција на албански јазик Илирија – ИНА и други медиуми на албански јазик во Македонија. „Експрес“ се обрати до одделни планинарски клубови во западниот дел на Македонија за појаснувања за што се работи, но до овој момент не се добиени одговори на поставените прашања. Единствено, упатени планинари неофицијално тврдат дека на „планинарската карта на Шара не постојат никакви албански имиња на врвови, кои ги споменуваат Фатмир Сулејмани и Сојузот на планинарските здруженија“.