Судската администрација на протест за поголеми плати

Вработените во судската администрација во судовите во Скопје денеска од 10 часот ќе протестираат. Бараат исплата на додатоци за плата и зголемување на платите.



Како што изјавија од Синдикатот на УПОЗ за МИА, револтот кај вработените во судската администрација е голем особено по одлуката на Уставниот суд со која платите на избраните и именуваните лица се зголемени за 78 проценти.

Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека го поддржува протестот на синдикатите на судската служба:

„Управата на судот во целост ги поддржува заложбите и напорите на синдикатите на судската служба во остварување на нивните права. Судските службеници се клучна алка во синџирот на судската власт и имаат движечка улога во остварување на правата на граѓаните пред судските постапки. Заради тоа, сметаме дека нивните барања се оправдани и неопходни за понатамошно функционирање и развивање на правосудниот сектор“, соопштија од Кривичниот суд во Скопје.