Шест години затвор доби Никола Груевски за изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски, доби условна казна од 2 години во предметот „Талир 2“ во кој двајцата се прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според пресудата на судијката Даниела Алексовска Стојановска, договорите склучени за изградба на овој објект целосно се поништуваат, а седиштето и околу 30 партиски штаба се конфискуваат, пренесе Плусинфо.

Земјиштетото на кое е изградена зградата не е предмет на заплена.
Судијката истакна дека доказите укажуваат дека изградбата била сторена со договори спротивни на законот и дека само опремата во фитнес-центарот на седиштето чинела 65.000 евра.
Покрај популарната Бела палата во центарот на Скопје, судот денеска одлучи да заплени уште 30 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, за кои во судскиот процес се докажа дека се купени со парите добиени од кривичното дело.
Груевски и Божиновски се товарат дека како први луѓе на партијата, што во критичниот период (од 2011 до 2016) била на власт, ја искористиле позицијата на моќта за да обезбедат ново партиско седиште вредно седум милиони евра и дополнително нешто повеќе од два милиони евра од градежната фирма „Бетон“.
Според неа, двајцата овозможиле правното лице „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во време кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.







