На Црвениот плоштад во Москва денеска се одржа генерална проба за воената парада в понеделник на 9 мај по повод 77-годишнината од победата во „Големата татковинска војна 1941-1945 година“.
На парадата за Денот на победата над фашизмот ќе учествуваат 11.000 војници, пешачката колона е составена од 33 парадни единици, а механизираната колона вклучува 131 единица современа воена опрема, како и историска опрема претставена со легендарниот тенк Т-34-85.
Вкупно 77 авиони и хеликоптери ќе го прелетаат Црвениот плоштад, соопшти Министерството за одбрана на Русија. Суперсонични ловци ќе прелетаат над катедралата „Свети Василиј“, а ќе бидат покажани и стратешки бомбардери ТУ-160, а првпат пред светот ќе биде прикажан командниот авион „Ил-80“, познат како „Судниот ден“, кој би го превезол руското државно раководство во случај на нуклеарна војна. Со него рускиот претседател Владимир Путин ќе испрати предупредување до Западот, пишуваат светските медиуми.
Годинава првпат ќе има прелет и на ловци во формација „Z“, буква од латиницата што ја користат руските воени возила заради распознавање во Украина и која стана симбол на „специјалната воена операција“, објави РИА Новости.





