Судијката што кажа дека не се гонат шефовите во аферата ,,Пасоши”: Скандалозен избор на судии во скопска апелација

Судијката Оља Ристова која што предупреди дека обвинителството и МВР не ги гонеше организаторите за аферата ,,Двојник – Пасоши во која службите на Оливер Спасовски издале 215 пасоши на светски криминалци тврди дека се случил скандалозен избор на судии во скопска апелација.



Ристовска која ги судеше шалтерските работници за пасошите на 215 криминалци и предупреди дека во обвинението ги нема организаторите на аферата не е избрана за апелационен судија иако беше прва на ранг листата на скопскиот кривичен суд.

,,Го чекав денешниот избор на судии во Апелационен суд Скопје, две и пол години, како прво рангирана од Основниот кривичен суд Скопје.

Изборот е скандалозен и сериозно се става под знак прашање рангирањето и ранг листата и пресудното влијание на Бадентеровото мнозинство.

Судскиот совет мора итно да се распушти и реформира”, пишува Ристова.

Со изјавата дека за аферата Пасоши – Двојник не се санкционирани високи полициски и безбедносни структури судијката Ристова си создаде непријатели во владејачките структури кои имаат силно влијание во судството.

Дали причината што таа не стана апелациона судијка е поврзана со аферата Пасоши или има и други причини за нејзина елиминација е прашање на кое ќе треба да одговори самата судијка.