Полицијата се уште го бара судијата Зоран Теофиловски, инаку од лани член на Судскиот совет, по наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во случај во кој има и петмина уапсени службеници од Општина Тетово..
Теофиловски е под истрага за противправна легализација на државно земјиште и е осомничен за злоупотреба на овластување заедно со седум други лица.
Според обвинителството, тие го оштетиле буџетот за 860.000 евра, продавајќи парцела од 4.410 м2 на здружението Љууботен Тетово за 43 денари за метар квадратен, вкупно околу 188.000 денари. Или 3.000 евра.
„МВР нема официјална информација дека дефинитивно првоосомничениот е недостапен за органите на прогонот. Кога ќе се случи тоа, се распишува домашна, а по потреба и меѓународна потерница”, гласи последниот одговор на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Според верзијата на обвинителството со кое раководи Вилма Русковска, Теофиловски имал седум „соработници“ во извршувањето на кривичното дело, што значи дека во истрагата се осомничени вкупно 8 лица. Најголемиот дел од нив се службеници од различни сектори во Општина Тетово.
Но, подоцна вчера попладне, своја верзија до јавноста испрати и МВР, според кое полицијата „обезбеди докази за сторени кривични дела… од 13 лица“.
Простата математика вели дека обвинителите сомничат 5 лица помалку од вкупниот број на лица за кои МВР вели дека сториле кривични дела, констатира Алсат М.
Во дописот до јавноста од обвинителството на Русковска нема ниту иницијали за осумттемина осомничени лица, туку делумен опис на нивните функции.
Во соопштението на МВР, пак, има и иницијали и функции.
Првото и секако најзвучно име кое МВР го пријавило, а тимот на Русковска решил засега да не го гони, е лицето С.Б. (62 години) „порано вработен на работно место Градоначалник на Општина Тетово“.
Веројатно не случајно, полицијата се потрудила да не биде тешко да се препознае дека станува збор за Сади Беџети, прв човек на општината од 2009 до 2013 година како кадар на ДПА. Полицијата го пријавила за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што, откако било изготвено и потпишано Решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект од страна на „пониските“ службеници: „Решението истиот ден било исконтролирано и потпишано како од службеното лице Б.Н. така и од тогашниот градоначалник на Општина Тетово, С.Б.“,пишува во соопштението на МВР.





