Судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје, Ненад Савески, тврди дека никој не влијаел на неговата одлука по барањето за притвор за обвинетата во случајот „Меѓународен сојуз“, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.
„Ви тврдам со мојот личен и професионален интегритет дека ниту во овој предмет ниту во кој било друг, ниту некој ми се јавил, ниту некој на каков било начин ми се обратил и влијаел јас да донесам одлука за конкретен предмет. Во овој предмет такво нешто немало. Ова е сериозен напад на мојот углед како судија кој го градам од 2009 година во правосудството“, вели Савески во коментар за државната агенција МИА.
На вчерашното рочиште за „Меѓународен сојуз“, на кое се презентираа пораки од комуникацијата на Мандиќ-Ерцеговиќ била прочитана наводна комуникација помеѓу премиерот Зоран Заев и неговиот поранешен советник Зоран Башановиќ. Башановиќ наводно ургирал кај премиерот Мандиќ-Ерцеговиќ да не оди во притвор барајќи „ако може некако да среди“.
На тоа, Заев одговорил: „Знаеш дека тоа зависи од обвинителството и судот. Ќе видам што можам да направам“.
Кога беше отворена истрагата за „Меѓународен сојуз“, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше притвор за Мандиќ-Ерцеговиќ, но судијата на претходна постапка одлучи таа да добие куќен притвор.
„Јавно го повикувам Судскиот совет да изврши контрола врз тој предмет да се види како сум ја донел јас таа одлука“ – побара Савевски, како што пренесе МИА.





