„Судбината на моштите на Свети Климент Охридски е речиси идентична со онаа на македонскиот народ. Неговото тело е поделено на три дела, кои се наоѓаат во Македонија, Грција и во Бугарија.“ – објави весникот „Нова Македонија“ во својата статија со наслов „Моштите на Свети Климент растурени во три држави“.
„Нова Македонија“ пишува: „Најголемиот дел од моштите на Свети Климент Охридски се чуваат во манастирот ‘Свети Пантелејмон’ на Плаошник, во Охрид. Остатоците од черепот се чуваат во грчкиот манастир ‘Свети Јоан Продром’ кај Бер, денешна Верија, Грција. Според сознанијата, тие се таму веќе седум века, откако двајца монаси ги зеле во моментите кога целосните мошти биле префрлувани од охридскиот храм ‘Свети Пантелејмон’. Тие потоа главата веднаш ја однеле во овој манастир, кој е сместен на височините на планината Пиерија, во близината на градот Бер, односно, Верија, според сегашното грчко име.“
„Во 2016 година архимандритот на Грчката православна црква Порфириј, од манастирот во Верија, каде што се чува черепот на свети Климент Охридски, при посетата на Бигорскиот манастир рече дека е подготвен за големиот јубилеј од создавањето на манастирот да ги донесе моштите од черепот на првиот словенски епископ свети Климент. Тогаш се очекуваше по цели 700 години черепот на најголемиот македонски духовник, кој се смета за основоположник на Охридската архиепископија, повторно да биде во Македонија.“
„Во Бугарија има две честички од моштите. Едната се чува во софискиот храм ‘Светите седумчисленици.’ Втората е во храмот во Пловдив ‘Светите Кирил и Методиј’ и е подарена од Македонската православна црква-Охридска Архиепископија во 2008 година, кога владиката Тимотеј ѝ подарил мала честица од моштите на свети Климент на пловдивската митрополија. Тогаш Тимотеј посочи дека во Плаошник се чуваат моштите од раката и дел од ногата на свети Климент.“
Светецот дели иста судбина со македонскиот народ
„Епископот Климент од манастирот ‘Зрзе’, Прилепско, и член на Синодот на МПЦ-ОА го носи името на овој светител. Веќе неколку пати има посочено дека судбината на моштите на Свети Климент Охридски е речиси идентична со онаа на македонскиот народ. Тој додава дека телото на Свети Климент Охридски е поделено на три дела, кои се наоѓаат во Македонија, Грција и во Бугарија. ‘Денес овој жив и дејствителен светител со нераспадливата десница од Охрид благословува, од Бер со исцелително миро болните ги лекува, а од Софија и од Пловдив ги утешува и укрепува сите што му пристапуваат со вера и љубов. Токму тоа е мисијата на светителот во ова време на поделби: да обединува.’ – додава г. Климент.“ – објави „Нова Македонија“.
Интернет – врска до целата колумна:





