Студија во Франција: Пушачите се поотпорни на коронавирус!?

Медицинска екипа од париската болница од Питие-Салпетриер и светски познатиот невробиолог, член на Академијата за науки, Жан-Пјер Шанжо дошла до многу сериозна хипотеза дека никотинот можеби штити од Ковид-19, јави дописникот на МИА.



Се започна со студија што штотуку ја спроведе болницата и која заклучува дека пушачите се помалку засегнати од другите од вирусот. Од ова набљудување на теренот се роди хипотеза која изгледа солидна, а штотуку ја објави Академијата на науките.

Наскоро тоа треба да се потврди и со клиничка студија дека не е тутунот, туку никотинот кој би имал превентивни својства.

Студијата спроведена во Питие-Салпетриер следи неколку прилично вознемирувачки набљудувања на теренот. Во последните неколку недели, неколку студии (но кои вклучуваат „пристрасност“, што ги прави неупотребливи), се чинеше дека покажаа дека има релативно низок процент на пушачи кај болните. Затворeници или пациентите од психијатриските болници – популации кои обично пушат многу – се чини дека малку се засегнати од Ковид-19. Сето ова би сугерирало дека статусот на пушачи заштитува од вирусот.

Студијата спроведена во Питие-Салпетриер се фокусираше на 350 хоспитализирани пациенти и 130 полесни пациенти примени на амбулантно лекување, сите тестирани позитивно со „Ковид-19“.

„Гледавме дали овие пациенти пушат повеќе или помалку од општата популација од ист пол или иста возраст, споредувајќи ги податоците за општата популација кои датираат од 2018 година.

Заклучокот е дека има многу малку пушачи кај овие пациенти“, објаснува за радиото Франс Интер, професорот за интерна медицина Захир Амура, кој ја спроведе студијата.

-Откривме само 5 отсто на пушачи кај овие пациенти, што е многу ниско. Во основа, кај пациенти со Ковид-19 имаме 80 отсто помалку пушачи отколку кај општата популација на ист пол и иста возраст, додава тој.

Тоа значи дека има нешто во тутунот што може да заштити од „Ковид“. Можеби тоа е никотинот, се прашуваат научниците.

Идејата за студијата дојде од една случајна средба, преку нобеловецот за физика Серж Харои, кога професорот Захир Амура се сретна пред еден месец со светски познатиот невробиолог Жан-Пјер Шанжо. Тој е специјалист за т.н. „никотински рецептори“, а научникот сугерира дека никотинот би можел да го спречи вирусот да се „залепи“, односно да навлезе во клетките: со тоа го спречува негово размножување и тој би претставувал кочница за развој на болеста, што конечно би ја објаснило оваа подзастапеност на пушачите кај пациентите кои се позитивни на „Ковид-19“.

Повеќе на ЛИНК